Во долгиот говор од речиси еден час, премиерот Никола Груевски на чествувањето на Илинден на Мечкин камен зборуваше за се, од значењето на прокетот Скопје 2014, лустрацијата, студентските стипендии, името, странските инвестиции, вработувањата, опозицијата итн.
Тој повика да се промени форматот на преговори со Грција бидејќи, како што вели, досегашниот не дал резултати, и во преговорите да се вклучат премиерите на двете земји.
– Мора да се спомене дека разговорите со Грција се во ќорсокок во кој единствена цел е купувањето време. Како да решиме спор ако не разговараме, ако постојано како одговор добиваме клише реакција, кога буквално никој, освен нас не е мотивиран да го реши. Ајде да седнеме и да разговараме. Повикувам на промена на форматот на носителите на решението. Тоа да бидат премиерите и да дојдат до за двете страни прифатливо решение, а крајниот збор ќе ги имаат граѓаните на референдум
Груевски се осврна и на Скопје 2014 нагласувајќи колку било важно одбележувањето на значајните личности и настани со споменици и споменични одбележја.
– Тој проект за кој трпевме доста напади од структури во општеството кои заради гола политичка промоција си дозволија да сквернават таму каде што не треба, покажа дека бил исправен. Јас често пати кажувам дека еден ден кога со поминувањето на одредено време ќе дојде до спуштање на политичката прашина која се јави околу овој проект тој ќе биде вистински оценет и вреднуван, и тоа се случува, рече Груевски.
Во говорот на Мечин Камен премиерот истакна дека и во лустрацијата ќе се оди докрај.
-Лустрацијата не е против асномска Македонија, лустрацијата е најголем сојузник на асномска Македонија и сигурен сум дека кога би можеле денес неа би ја поздравиле сите оние кои учествуваа во АСНОМ во 1944 година. Имаме обврска да ги осветлиме тие моменти кога системот се повампирил и станал жесток режим кој ги јадел своите деца и токму тој режим ги дезавуирал вредностите на асномска Македонија. Токму ние ги заштитуваме тие вредности. Со лустрацијата се докажува дека имаме сила и развиено општество и не се срамиме да ги истражиме тие темни агли на минатото. Тој процес е болен, но ние ќе го довршиме. Ако можат сите источни држави да ја направат, зошто и Македонија не би можела. Ние ќе ја довршиме лустрацијата. И после тоа таа ќе излезе поединствена и посилна – рече Груевски.
Преку овој процес, нагласи Груевски, дадовме можност за промоција на многу македонски автори, скулптори, архитекти, инжињери, вајари, уметници, кои ќе продолжат и понатаму да бидат окосница на нашата култура и културно наследство, да го продолжат духот на културно битисување, да го засилат македонскиот супстрат на светското културно уметничко поле, но и да бидат тула во нашата државност. Според него, нема зијан за една земја да продуцира нов кадар кој со своите компетенции и искуство ќе претставува значаен елемент за Македонија.
– И нема ништо лошо, напротив победнички е преку овој процес на градење да дадеш стимул на македонските градежни компании, за да имаат работа во услови на светски негативни економски текови, и да не ги отпуштаат работниците. И победа е да имаш национална Арена и Национален спортски Центар каде што со гордост спортистите ќе може да ги бранат боите со државниот грб, рече премиерот и додаде оти ќе продолжат со тие чекори.
Груевски во илинденскиот говор информираше и за субвенциите за музички проекти.
-Оваа година во овој период, информира, го донесуваме законот со кој ќе даваме и специјални субвенции за создавање околу 200 музички продукти годишно, меѓу кои и оние со кој ќе се афирмира историјата на Македонија и Република Македонија, или пак ќе промовира ги семејните вредности и многудетните, тема чија сериозност и закана се посериозно ќе не атакува. И како што веќе даваме финансии за творечки субвенции и субвенции за објавување на македонски научно образовани трудови во странски списанија, рече тој.
Премиерот се пофали и со фокусираноста, на како што вели тој, на развојот на претприемништвото и иновативниот дух.
-Силно сме фокусирани и на развој на претриемништвото и на иновативниот дух, што специјално ќе го операционализираме преку новиот Фонд за иновации и технолошки развој кој покрај стручна ќе дава и финансиска поддршка на оние луѓе кои ќе креираат иновации и ќе им обезбеди т.н. акцелератори или консултанти кои ќе им помогнат иновацијата да ја претворат во успешен профитабилен бизнис кој ќе отвори нови работни места.
– Тоа е битката, да се создаваат научници, претприемачи, иноватори, музичари, врвни лекари, спортисти, уметници, писатели, млад образован кадар, режисери,.. Тие ќе донесат нови победи за Македонија и ќе ја продолжат идејата и на првиот и на вториот Илинден, истакна премиерот Груевски