Поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук го искоментира потегот на САД кои соопштија дека го ставаат Груевски, заедно со Сашо Мијалков и нивните семејства, на „црната листа“ за влез на нивна територија поради нивната вмешаност во „значителна корупција“.
– Подолг период се говореше она што денес се објави. Високи преставници на властите во Македонија не криеја во неформални кругови дека со години лобираа за истото да се случи. Моите долгогодишни напори проблемот со името да се реши на поинаков начин од оној на кој на крајот се реши, одлуките поврзани со мигрантската криза и затворањето на блаканскиот коридор во 2016 година и неколку други одлуки со кои се обидував да ги заштитам државните и националните интереси на Македонија иритираа некои земји и ми навлекоа многу противници како што на пример беше Џорџ Сорос кој вложи многу напори и финасии за соборување на владата која ја предводев, напиша Груевски.
Тој жали за одлуката на State Department која ја објавија денес.
– Наводите кои се наведени заради кои сум ставен на листата се неточни информации на кои подлегнале и во најголем дел произлегуваат од долгогодишниот политички прогон кој се води против мене во Македонија. Од тој аспект иако немам никаков имот во САД, чуствувам голема неправда бидејќи работев многу чесно и многу одговорно борејќи се за државните и националните интереси, а при тоа колку што можев се трудев да не ги загрозам интересите на сојузниците на Македонија. Никогаш не работев за личен финасиски или матерјален интерес, додава Груевски.
Тој додаде дека ќе продолжи да се бори во правец да ја докаже вистината, а воедно ќе продолжи и неговата борба за Македонија.