Премиерот Никола Груевски жали што неговиот близок соработник, Паско Кузман е во притвор. И по една недела од апсењето на сè уште актуелниот директор на Управата за заштита на културното наследство, премиерот не сака да коментира, велејќи дека се што знае е од медиумите, како и сите други.
-Па немам коментар, Паско Кузман го чувствував за близок, бидејќи често се гледавме при нашите соработки, и мене ми е многу жал што е во една таква ситуација, она што го знаете вие го знам и јас од медиумите, дека имало некаков договор кој требало или не требало да се потпише, според обвинителството, нешто се погрешило, така што, ќе си има судска постапка во којашто г-нот Кузман ќе има можност да си ја каже својата страна, изјави премиерот.
Пред скоро една недела, Кривичниот суд во Скопје му определи куќен притвор од 30 дена на директорот на Управата за културно наследство, Паско Кузман кој беше приведен под сомнение дека ја злоупотребил службената должност и овластувања.
Кузман се товари дека нелегално, односно надвор од процедурите давал дозволи за ископување на археолошки локалитети заедно со група вработени во Управата.
Иако приведувањето на Кузман се третира како дел од процесот Фаланга 2, од МВР велат дека немаат докази и наоди дека Паско Кузман учествувал во нелегална трговија со артефакти.