Хашкиот трибунал го осуди лидерот на Хрватите во Босна и Херцеговина, Јадранко Прлиќ на 25 години затвор за злосторства над Муслиманите во БИХ во 1993 – 94.
На петмината обвинети изречени им се казни од 10 до 20 години затвор.
Како што објави судијата Жан-Клод Антонети, утврдено е дека тие злосторства се направени во рамките на здружениот злосторнички чин чија цел била воспоставување на „хрватскиот ентитет, делумно во границите на Хрватската бановина од 1993“, со насилно и трајно протерување на муслиманското население од осум општини од БИХ.
Целта, според обвинителството била воспоставување на „Голема Хрватска“.
По одлуката на хашкиот суд не стивнуваат реакциите од политичкиот врв во Хрватска.
Според премиерот Милановиќ квалификациите дека се работи за злосторничко здружување со цел да се приспои Херцег Босна со Хрватска се неточни. Тој верува дека второстепениот суд ќе ја отфрли пресудата.
Реакција и од претседателот на Хрватска
„Кога говориме за за пресудата прво на што се сеќавам се жртвите“, изјави претседателот Иво Јосиповиќ.
„Кога се работи за индивидуална вина, бидејќи вината секогаш е индивидуална, би рекол дека станува збор за неправедна пресуда“, додаде Јосиповиќ.