„Сојузна Република Германија го поддржува почетокот на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија до крајот на годината“, истакна германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на видео средбата со неговиот македонски колега Бујар Османи.
Околу барањата од Бугарија која поставува дополнителни услови за нашата земја за старт на преговорите, Мас изјави дека „преговори се водат на билатерално ниво и на ниво на ЕУ“ и додаде дека е оптимист дека овие прашања во скоро време ќе бидат затворени.
За условите на Бугарија од меморандумот, Мас смета дека тоа мора билатерлано да се реши.
„Што се однесува до јазикот, до името тоа се многу детални преговори кои што се одвиваат. Тоа се прашања кои што билатерално мора да се решат меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тие се обидуваат да изнајдат решение и тоа го поддржуваме да биде што е можно побрзо за да може да се продолжи со пристапниот процес за Северна Македонија бидејќи таа веќе долго чека на тоа. Преспанскот договор – нешто историско, беше постигнат во Северна Македонија и затоа сум оптимист дека прашањата кои што се отворени во догледно време ќе можат да бидат решени. Меѓутоа за тоа потребни се понатамошни разговори кои ќе треба да се одржуваат како на ниво на ЕУ исто така и помеѓу Северна Македонија и Бугарија“, рече Мас.
За министерот за надворешни работи, Бујар Османи, стартот на преговорите ќе биде потврда за реформската определба на земјава.
„Покрај политичката симболика, стартот на преговорите ќе значи почеток на најобемната и најкомплексната административно – техничка операција со која досега сме се соочиле. тоа е сериозен предизвик за целото општество, а не само за владата, во кое ќе мора да ги подигнеме своите перформанси“, рече османи.