„Седум години стана, а ние од неговите посети немаме ништо, не нешто, ништо немаме. Ниту имаме од Кина нешто, ниту имаме од Индија нешто, со Субрата Рој којзнае што ќе испадне“, изјави поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини за Радио Слободна Европа, анализирајќи ги роуд-шоута на премиерот Груевски, како дебакл во потрагата во инвестиции.
Што се однесува до контроверзниот индиски бизнисмен, неговиот син кој доби македонско државјанство, за време на посетата изјави дека не знае колкава е инвестицијата:
„Сè уште не сме одлучиле колкава ќе биде инвестицијата, но можам да ви кажам дека ќе инвестираме многу пари во Македонија“, изјави Сушанто Рој.
„Сахара Индија Паривар“ очекува поддршка од државата и од народот за реализација на големите планови кои компанијата ги има со Македонија, изјави еден од синовите на Субрата Рој.
Имено, Рој најави дека на Охридското Езеро ќе гради луксузен туристички комплекс, дека ќе вложи во сточарство и ќе донесе 20 илјади крави, како и дека ќе изгради 30-метарски споменик шамија под која ќе се смести статуата на Мајка Тереза, но и дека ќе вложи во филмската индустрија. Неговите амбиции за лускузниот комплекс кај ЉУбаниште доведоа до конфронтирање со Црквата, односно Владиката Тимотеј, кој пред две недели за НОВА изјави:
-Немам намера ниту да дава, ниту да подарувам земјиште, ниту пак некој ме прашал за земјиштето, додавајќи дека “не може власта, односно Министерството за култура да дава нешто што не е нивно”. Што се однесува до Субрата Рој, Владиката Тимотеј го карактеризира со зборовите- “тој е обичен мангуп”.
Од друга страна пак, Министерството за култура за НОВА изјави дека спорното земјиште “не е црковно, туку државно” и оттука, Република Македонија се води како сопственик.
Но, последните вести велат дека Субрата Рој сега е загрижен човек, како што анализира индискиот весник Бизнис Тудеј (Bussiness Today) .
Оваа недела весникот објави дека Врховниот суд им упатил известувања на двете компании на Субрата Рој, „Сахара Индија рил естејт корпорејшн“ (Sahara India Real Estate Corporation) и „Сахара хоузин инвестмент корпорејшен“ (Sahara Housing Investment Corporation), дека не ја испочитувале одлуката на судот за рефундирање на 190 милијарди Рс или околу 3,5 милијарди долари на инвеститорите преку СЕБИ (Securities and Exchange Board of India), пишува индискиот весник Бизнис Тудеј (Bussiness Today) .