Предвремените избори ќе се одржат на 24 април 2016 година. Во септември ќе биде именуван специјален јавен обвинител кој ќе ги отвори прислушувањето и Пуч. Во средината на септември опозицијата ќе се врати во Собранието.
Од 15 јануари 2016 година ќе биде назначен нов премиер до изборите а СДСМ влегува во 5 министерства. Оваа партија ќе ги предложи министрите за внатрешни работи и труд и социјална политика. Заменици министри во министерството за финансии, земјоделство и информатичко општество ќе дојдат од редовите на СДСМ со право на вето.
Ова се основните точки на договорот, кој околу 1 часот по полноќ беше постигнат помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со посредство на комесарот Јоханес Хан и тројцата европски пратеници Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл.
– Постигнат е договор, избори ќе има. Задоволен сум од договореното што лидерите го потпишаа. Со ова се отвораат вратите на земјата за во ЕУ и НАТО, изјави со нескриено задоволство комесарот Хан според кого овој договор е “перфектен”, овој ден бил “одличен” а Македонија треба да биде “горда на своите лидери”.
По изјавата на Хан, ВМРО-ДПМНЕ најави прес конференција на Никола Груевски на кој тој изрази задоволство од успешните преговори.
– Европските перспективи остануваа отворени, рече тој и додаде дека сега, по договорот, економијата ќе продолжи да расте бидејќи ќе биде ослободена од стегите на кризата.
Груевски сепак не се воздржа го нападне СДСМ велејќи дека опозицијата правела напори за да пропадне договорот од 2 јуни и да нема избори “затоа што се свесни дека во април ќе ги загубат изборите”. СДСМ според Груевски “користи интриги и манипулации” но ВМРО-ДПМНЕ, рече Груевски, “не им остави простор за да избегаат од изборите во 2016 година”.
Но Груевски потврди дека ќе има нов премиер од 15 јануари 2016 година:
– ВМРО-ДПМНЕ ќе назначи нов премиер за период од 100 дена од 15 јануари 2016 година. Се согласивме од 20 октомври СДСМ, по претходна консултација до ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, да даде предлог за технички министер за внатрешни работи и личност која на ниту еден начин не се поврзува со некоја политичка партија, рече Груевски.
По Груевски и лидерот на опозицијата Зоран Заев го даде своето толкување на договореното. Тој рече дека со денешниот договор се потврди се што СДСМ докажал со проектот Вистината за Македонија.
– ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи новиот премиер но тоа треба да биде човек кој не е инкриминиран во доказите кои опозицијата ги објавуваше во овие месеци.
– Баравме оставки и добивме пред неколку месеци. Баравме оставка од Груевски да не ги спроведува тој изборите и ја добивме оставката. Баравме преодна влада и ја добивме и таа е гарант за фер и слободни избори. Изборите се крајниот продукт на овој процес за враќање на деморкатските институции, рече Заев.
Според него, за да се биде сигурен дека ќе бидат направени сите реформи за фер избори, СДСМ преку овој договор е вградена во институциите и во Парламентот и сите собраниски комисии во.
Тој рече исто така дека “по толку долги години Македонија конечно ќе добие специјален јавен обвинител” и Македонија треба да се радува на овој договор кој дава шанса да се врати демократијата. Овој договор, рече Заев, е гарантиран од меѓународната заедница и тој тврди дека никој нема да се обиде да го наруши овој договор.
Заев на крајот им се заблагодари на сите кои учествуваа во Кампот на слободата кој со овој договор најверојатно ќе биде веднаш прекинат.

