Челси Клинтон, 34 години, најави денес дека родила женско дете, Шарлот. Веста ја соопшти Челси но и бабата и дедото Хилари и Бил, а порака за раѓањето на девојчето му била пратена и на претседателот Барак Обама.
“Марк и јас сме полни со љубов, воодушевување и благодарност во овој момент кога го славиме раѓањето на нашата прва ќерка Шарлот Клинтон Мезвински”, напиша Челси на Фејсбук и Твитер.
Ќерката на Хилари и Бил Клинтон во август најави дека ја прекинала својата соработка со ТВ мрежата НБС велејќи дека сака да и се посвети на работата во Фондацијата Клинтон но и на улогата на мајка.
Таа од време на време работеше за НБС а неодамна сајтот Политико објави дека Челси била платена 27.724 долари на час за секоја минута кога се појавувала на екран.
Се очекува новопечената баба Хилари да објави на почетокот на јануари дали ќе влезе во претседателската трка за Белата куќа во 2016 година. Поранешната шефица на американската дипломатија која има 66 години во повеќе наврати изјави дека го чека раѓањето на детето на својата ќерка пред да ја донесе одлуката за својата претседателска кандидатура.