Меѓународната организација Хјуман Рајтс Воч како и европратеници го осудуваат инцидентот со актерот и активист за човекови права Петар Стојковиќ, како и другите инциденти во кои ЛГБТ активисти беа нападнати изминативе денови и ја повикуваат владата под итно да ги осуди настаните и да превземе мерки да се најдат сторителите. Овие реакции денес беа објавени во светски познатиот портал Геј Стар Њус кој ги третира правата на ЛГБТ заедница, како и занимливостите од нивните животи.
„Ги повикувам македонските власти итно да превземат активности и да ја осигураат безбедноста на ЛГБТ популацијата и јавно да ги осудат ваквите насилства,“ вели европратеничката Марија Корнелизен за Геј Стар Њус.
Таа вели дека очекува земја кандидат за членство во унијата да ги почитува човековите права како важен аспект од евроинтегративните процеси и дека ќе стори се што е во нејзина моќ тоа да се случи.
Кон осудите се приклучува и Борис Дитрих од ЛГБТ програмта на меѓународната организација за човекови права Хјуман Рајтс Воч.
„Владата во Македонија мора јавно да ги осуди овие хомофобични напади врз ЛГБТ активистите и мора да инсистира на истрага која ќе доведе до пронаоѓање на напаѓачите“, вели Дитрих.
ГПС разговарале и со британскиот ветеран – активист за човекои права, светски познатиот Питер Тачел кој вели дека заканите и нападите кон ЛГБТ популацијата во Македонија се затрашувачки.
„Ако се знае дека Македонија сака да се приклучи кон ЕУ, тогаш комисијата мора да и даде ултиматум на Владата: ЛГБТ правата мора да се почитуваат и осигураат во земјата или таа нема да добие членство,“ вели Тачел.
Домот на Петар Стојковиќ завчера беше каменуван од непознати лица. Тој минатата недела јавно проговори за својата сексуална ориентација.
Во меѓувреме, малолетник упадна и во неговиот двор и под прозорец извикуваше навредли коментари упатени кон него и неговиот партнер.
Викендот беше нападнат и ЛГБТ центарот на Хелсиншкиот комитет во старата скопска чаршија од страна на 40 маскирани лица при што беше повреден и еден полицаец.
Истиот ден, на најавената таканаречена контра геј парада група млади кои се собраа на плоштадот кај споменикот Цар Самуил претепаа малолетник.