„Војната дојде во Москва“, напиша Михаил Ходорковски на „Фејсбук“, кој патем објави и документ што упатува на плановите на рускиот претседател Владимир Путин, чиј жесток критичар е, за вклучување на војници од резервниот состав во конфликтот во Украина.
Според Ходорковски, наводно е донесена наредба која се однесува на раководителите на секторите за мобилизација кои „добиле рок до 20 април за проверка на регистарски картони на резервистите, но и дека резервисти мора да се појават во единиците за мобилизација“.
Ходорковски на 24 часа пред руската инвазија порача дека „само револуција ќе го собори Путин“.
Шокиран сум од сето ова што се случи. Путин сака да ја окупира Украина и да инсталира влада по негова мерка, изјави тогаш Ходорковски.
Путин, за Ходорковски, е диктатор и тврди дека мора постојано да се докажува пред своите блиски соработници.
Ако Путин ги постигне своите цели во Украина, убеден сум дека подоцна ќе сака да казни некој друг, порача Ходорковски.
Ходорковски се профилира како еден од првите руски олигарси во 90-тите за време на мандатот на Борис Елцин, но, сепак, заврши во затвор во 2003 година по јавното конфронтирање со Путин за борбата против корупцијата.
Тој беше осуден за даночно затајување и измама и мина десет години во затвор. Во 2013 година беше помилуван од Путин по што тој ја напушти Русија.