Холандскиот премиер Марк Рут денеска изјави дека не се знае каде се црните кутии на урнатиот малезиски авион и се согласи со рускиот претседател Владимир Путин дека во случајот мора да се вклучи Меѓународната организација за цивилна авијација.
Рут, исто така, рече дека неговата влада сака телата на жртвите да се испорачаат во Холандија поради процесот на идентификација и ја покани Русија да го искористи своето влијание кај сепаратистите за да им се овозможи на истражителите пристап до местото на несреќата.
„Јасно е дека Русија треба да го искористи своето влијание со сепаратистите за да се подобри ситуацијата на теренот“, рече Рут. Тој додаде дека на маса се сите „политички, економски и финансиски опции“, ако не биде овозможен пристап до местото урнатиот малезиски авиони.
Во меѓувреме, шефот на холандскиот форензичарски тим соопшти дека возот, со вагоните со ладилници во кои се депонираат телата на жртвите, „треба да тргне на пат за да се дојде до некое место, каде што можеме да си ја работиме својата работа“.
Според најновите информации, во Киев пристигна двајца експерти од германското истражно биро за авионски несреќи (БФС), кои се обидуваат да стигнат до местото на несреќата. Меѓу 298 патници загинаа четворица Германци.