Не знам за каква истрага станува збор во болницата во Хрватска и тоа не е поврзано со мене и мојата стручност. Јас таму ја одбранив Македонија и целата лекарска фела. Ова го тврди докторката Милица Икономова, три дена откако НОВА ја објави сторијата дека хрватското обвинителство води истрага против неа, за два случаи за кои се вели дека фалсификувала медицинска документација на деца.
Икономова од јуни минатата година ги лекува децата во дежурната педијатарска служба во поликлиниката „Јане Сандански“, кога Министерството за здравство ја ангажирало со договор на дело.
Таа, не сакаше да зборува во камера, на прашањата одговори писмено, мал дел раскажа и во телефонскиот разговор.
Докторката Икономова отфрла дека во хрватското обвинителство се води истрага против неа, а вели дека не знае зошто 5000 мајки кои се породиле или ги лекувале своите деца во болницата во Сисак, собраа петиција и излегоа во хрватските медиуми со обвинување за несовесно лекување, дека на новороденчињата и бебињата им измислувала болести и ги праќала на непотребни дополнителни испитувања, ги одвојувала од мајките и ги ставала на вештачка исхрана, ги навредувала мајките, ги фалсификувала документите.
„Не знам за какви истраги станува збор во горенаведаната болница и тоа не е поврзано со мене и мојата стручност. Јас ја напуштив болницата пред скоро две години со спогодбено раскинување на договорот за работа, со службено раздолжување и останавме со колегите во добри односи. Зарем, би си дозволила такво однесување како лекар странец во друга држава за наводно мое недолично однесување на работата кога јас таму ја претставував Македонија и македонската лекарска фела и со добри намери пристапив на работа во болницата, а со такво етичко професионално однесување останав до спогодбеното раскинување на договорот. Во случајов, не може да стане збор за наводни инкриминирани мои постапки кои ги отфрлам како невистини и не постои одлука или доказ , кој укажува на мое непримерно постапување“, вели во својот одговор доктор Икономова.
Хрватските медиуми пишуваа дека Икономова си дала отказ од работа поради притисок од мајките и граѓанската инцијатива „Мајката има право да знае“.
Министерство за здравство на Хрватска за НОВА потврди дека против неа се води истрага во хрватското обвинителство за фалсификување и допишување на податоци во медицинската документација на бебиња, предмет кој е поднесен на 24 ноември 2014 година, а инспекцискиот надзор обелоденил многу работи, откако бил извршен притисок од граѓанското здружение„Мајката има право да знае“, но и нејзините колеги во болницата.
„Инспекцискиот надзор кој на 21 октомври 2014 та година е извршен во болницата „Др. Иво Педишиќ“ во Сисак во одделот за здравствена заштита на доенчиња и деца, врз основа на документацијата и во разговор со лекарите утврди зголемување на некои дијагностички постапки кои отскокнуваат од вообичаената пракса во болницата и од добрата клиничка пракса. Утврдено е зачестеност и продолжување на хоспитализацијата на новороденчињата, одвојувања од мајките и внесување на вештачка исхрана, зголемен е број на микробиолошки испитувања и на деца кои биле ставани на инфузија. Во исто време имало непримерна комуникација со вработените и со пациентите. Поради основано сомнение за наводно фалсификување и допишување на податоци во медицинската документација од страна на Милица Икономова оформен е предмет кој е поднесен на 24 ноември 2014 година во хрватското обвинителство за понатамошно постапување“, велат за НОВА од Министерството за здравство на Хрватска.
Докторката Икономова децидно ги отфрла овие наводи.
„Како што кажав и претходно како доктор кој сите свои познавања од педијатријата ги ставив во унапредување на здравјето на дечињата сум работела професионално и во склад со медицината базирана на докази и етичкиот кодекс.Секој родител има свое право да бира лекар за своето дете. Во болницата во Сисак работевме девет лекари кои го покриваа родилиштето така да мојата работа и одлуки континуирано беа усогласени и од други педијатри, како од болницата така и од КБЦ „Ребро“ каде најчесто се упатуваа пацентите кои имаа потреба од терцијарно здравство. Со други зборови целокупната работа се одвиваше тимски “, вели Икономова.
Пред да биде ангажирана во дежурната служба во Министерството за здравство, таа вели дека ги доставила сите потребни документи и дипломи за нејзината стручност. Во Македонија се вратила кон крајот на 2014 година, кога побарала продолжување на лиценцата за работа во Лекарската комора и без проблем ја добила. Докторката тврди дека од кога е вратена во Македонија хрватските истражни органи не ја контактирале.
„По моето враќање во Македонија не сум контактирана од страна на ниту една институција во врска со наводните случувања.“, рече Икономова.
Наспроти тврдењата од детската клиника дека деца од педијатарскиот пунк во „Јане Сандански“, каде што работи, се праќаат за време на викендите кај нив, така што тој број достигнува до 300 деца, Икономова тврди дека само мал дел од децата се праќаат таму, на инфективна клиника и во болницата во Козле. Спротивно на податоците од детска клиника, Икономова вели дека во текот на првите месеци на годината само 200-250 деца биле упатени на повисоко ниво на здравствена заштита.
Антибиоткот „Амоксиклав“ за кој исто така педијатрите имаа забелешка дека во дежурниот пункт бил препишуван задолжително, Икономова вели дека се овој антибиотик се дава по потреба и според стручна проценка.
Во меѓувреме штипјани, чија сограѓанка е спомнатата докторка се вчудоневидени, од НОВА дознале дека дека таа се вратила од Хрватска и веќе една година работи во дежурната служба за деца во Скопје. Неколкумина граќани со кои разговараше НОВА, го раскажаа искуството што го имале со неа. Идентитетите на двајцата соговорници, едниот родител, а втората докторка која работела со Икономова, нема да ги објавиме јавно на нивно барање.
„На мојот син кој сега е во деветто одделение, кога имаше девет месеци оваа докторка му дијагностицираше карцином и тоа со обичен преглед. Ни рече дека детето не изгледа добро, да направиме дополнителни испитувања и анализи. Но, ние не се исплашивме и не го направивме тоа бидејќи имавме слушнато дека и на други деца им измислувала дијагнози. Но, имаше родитили кои на смрт се преплашуваа“, вели нашиот соговорник од Штип.
Една од постарите докторки во Штип се сеќава како додека работела на детското одделение во болницата морала постојано да внимава на неа докторката и бидејќи правела „екцеси“ со родителите и децата.
„Кога ситуација стана неиздржлива таа беше преместена во амбулантата, а потоа во брзата помош. Во советувалиштето се расправаше со родителите, имаше испади. Во една прилика додека работеше во детското одделение кога влегов во една болничка соба мајките беа многу вознемирени. На градниот кош на сите деца со пенкало имаше нацртано срце“, раскажа за НОВА, оваа лекарка.
Педијатарот Милица Икономова на која министерот Тодоров и ја даде довербата да ги лекува децата во дежурната служба каде доаѓаат итните случаи, за еден месец заминува во пензија. Тодоров изјави дека за него сите доктори се исти, важно е само да имаат диплома , специјализација и лиценца за работа, а за одговор не упати да се обратиме кај тие што и ги дале сертификатите, во Медицинскиот факултет и Лекарската комора.