Македонија повторно е на врвот на актуелноста во Европа. Но не поради нашата криза која од Европа изгледа многу маргинална туку поради затворањето границата со Грција за бегалците. Границата е сега повторно проодна, но бегалската криза не си заминува туку така од центарот на вниманието во којшто е и Македонија.
Дека Македонија привремено ја затворила границата беше веста која денес ја објавуваа најголем број европски медиуми. Во овие текстови речиси никој не споменува дека Македонија одамна е нурната во сопствена политичка криза од која никако не успева да излезе.
Така, кај нас речиси неприметно мина веста дека претседателот на ЕУ Доналд Туск пред два дена предупреди дека на ЕУ и остануваат само уште два месеци да ја реши бегалската криза. Во спротивно Шенген зоната ќе исчезне.
Кога се знае дека Шенген е најголемото достигнување на ЕУ тогаш е јасно дека на ЕУ во Македонија и се потребна стабилна Македонија со цврсти институции. Тука не смее да се заборават ни економските последици од затворањето на европските граници и можното исчезнување на Шенген зоната.

Шенген зона
Во меѓувреме Австрија најави итна мерка која ќе го ограничи приемот на бегалците на 37.500 во оваа 2016 година и тој број ќе се намалува секоја година. Во текот на 2015 година 90.000 бегалци побарале азил во Австрија. Што е, патем, само еден отсто од бројот на населението во оваа земја.
За да може оваа мерка да се реализира потребна е зајакната контрола на надворешните граници на ЕУ што значи меѓу другото контрола на македонската граница со Грција. И потребна е стабилна Македонија со надмината криза.
Во потрага по стабилност во Македонија, ЕУ, преку Европската комисија (ЕК) и комесарот Јоханес Хан, бара што побрзо да се излезе од акутноста на кризата и сметаат дека за таа цел е потребно изборите да се одржат што е можно побрзо.
Ова е одговор на прашањето зошто Хан пред една недела во Скопје, својата изјава за неуспехот на преговорите, ја започна токму со бегалската криза. Хан побара стабилност за да може земјата да им одговори на предизвиците кои стојат пред Македонија и пред ЕУ како бегалската криза.
Но тоа не значи дека постои некаков “пазар” помеѓу македонската власт и ЕК кој би им дозволил на владеачките партии да спроведат избори без реформи и без опозиција само да ја и помогнат на ЕУ во бегалската криза.
Во атмосферата која владее во Македонија за пристрасност на комесарот Хан во нашата криза, шпекулациите за можен пазар го подгреа и изјавата на Себастијан Курц, австрискиот министер за надворешни работи кој и се заблагодари на Македонија за позитивната улога во бегалската криза.
– Тоа многу им помага на земји како Австрија, Германија или Шведска, рече тој во понеделникот појадувајќи со неговиот македонски колега во Брисел.
Во текст на Балкан Инсајт поранешниот амбасадор на ЕУ Ерван Фуере не верува дека македонската влада се пазарела со Унијата за изборите, земајќи ја како алка бегалската криза.
Сепак тој нагласува дека ЕУ не смее да дозволи да биде изиграна од Влада чија единствена цел е да го пренасочи вниманието од нејзината злоупотреба на моќта , индициите за криминал како и непочитувањето на реформите кои беа нотирани во повеќе европски извештаи.
Тој додава исто така дека владата дала повеќе празни ветувања дека ќе го реши спорот со името што влијаело Македонија да добива досега позитивна препорака за старт на преговори за членство со ЕУ иако земјата демократски назадува.
Германскиот весник Ди Велт ја пренесе пред неколку дека изјавата на словенечкиот премиер Миро Церар кој го отворил прашањето за поактивна улога на Македонија при контролата на бегалците.
«Дали Македонија, европско посвојче на Западниот Балкан, може да ја оправда ваквата централна улога?», се прашува Ди Велт.

Македонија одговори преку следната изјава.
– Покажавме капацитет да ја контролираме нашата граница, изјави шефот на дипломатијата Никола Поповски:
Засилените гранични контроли и враќањето на азилантите ги става под голем притисок балканските земји. Ако и Германија најави дека ја менува политиката на «добредојде за бегалците» границите на Балканот и во Грција ќе бидат затрупани од бегалци и вистинска хуманитарна катастрофа.

Денко Малески
Според професорот Денко Малески, меѓународните посредници во политичките преговори испраќаат јасна порака до политичкото раководство во земјава дека другите држави се соочуваат со посериозни проблеми во моментов и дека Унијата би можела да помогне за одредени прашања, но не може да се грижи за функционирањето на целата државата.
– Основното начело во меѓународната политика е начелото за самопомош – тоа е всушност апел до Македонија што побрзо да излезе од кризата на политичкиот систем, за да се оспособи самостојно да се соочи со новите предизвици кои ја чекаат, вклучувајќи ги случувањата на нашата граница, но и во другите држави, вели Малески
Кризата е далеку од својот крај а помошта на ЕУ е тотално недоволна во Италија, Грција и на Балканот, вели портпарол на Лекари без граници. Нема сомнеж дека ЕУ треба брзо да ја реши бегалската криза и да престане да игра со животите на луѓето кои бараат засолниште, вели портпаролот.
Но сите овие настани се исто така сигнал до Македонија и нејзините лидери дека треба брзо сами да ја решат политичката криза, да тргнат конечно во реформите што веќе долги години ЕУ ги бара од нас и да престанат да играат со судбината на земјата.
– Тоа е порака дека Европската унија, вели Малески, не може да биде замена за македонската држава и за работата за која секоја држава треба сама да се грижи , а потоа да помага и во кризните ситуации на другите држави. ЕУ може да биде само дополнување на функционирање на државата. Тоа се пораки од меѓународната заедница јасно упатени до нашето политичко раководство – дека другите држави во моментов се соочуваат со уште посериозни работи од нас.

