Како што општеството се менува со напливот на модерната технологија, така и медиумите се исправени пред предизвикот да бидат во чекор со времето.
Во нашето блиску соседство, Србија и Хрватска, некои портали веќе се прилагодиле на модерното време и финансиите за своето работење ги обезбедуваат преку интернет претплата од нивните читатели.
Било преку интернет или преку банките, читателите плаќаат неделна или месечна претплата на порталот и така за себе обезбедуваат независен медиум од кој ќе се информираат, а медиумот обезбедува средства за работа.
На тој начин новинарите се чувствуваат посигурни за бескомпромисно да ја вршат својата работа и да објавуваат скандали. Мала е веројатноста дека некој новинар ќе објави скандал за фирмата која е главен спонзор на порталот во кој тој работи и со тоа ќе си ја загрози работата и личната егзистенција.
Новинарот Горан Михајловски беше основач и уредник на дневниот весник „Вест“, а сега е уредник на информативниот интернет портал „Сакам да кажам“ кој е именуван по името на неговата речиси тридецениска колумна.

– Македонската публика не е зрела за тоа да ги финансира порталите преку краудфандинг. Постои токав наплив на информации, кои се и непроверени.Публиката во Македонија не ги перцепира ни традиционалните медиуми како што треба, а не па интернет порталите – вели Горан Михајловски од порталот СДК.
Окно претставува интернет портал кој нуди поинакви теми од останатите портали. Таму може да прочитате текстови за авангардна уметност, но и внимателно одбрани колумни и ставови од истакнати македонски интелектуалци.
Сепак, Никола Гелевски, уредникот на Окно е истомисленик со Михајловски кога е во прашање краудфандингот.
– Тоа е „задња шанса“. Ако ништо друго не успее – ќе се обидеме и со тоа. Но, мислам дека тој концепт е краткорочен и одличен за таков тип проекти, на кои еднаш им треба добра финансиска инјекција. Медиумите би требало да се подолгорочни – и ради тоа не сум сигурен дали тој модел е соодветен, за медиуми. Во праксата има секакви примери – и добри и лоши. Некогаш можеби и треба да се заврши приказната и да се почне нешто ново – вели Никола Гелевски од Окно.

Пред неколку години, во Скопје беше отворен Автономен Културно Социјален Центар (АКСЦ) кој функционираше од пари собрани токму преку краудфандинг. Центарот организираше обуки, работилници, изложби, дебати и дружења. За жал, поради недостаток на финансии АКСЦ набрзо беше затворен, со што се покажа дека македонското општество се уште нема развиено свесност за овој вид на „купување јавни добра“.
Македонската јавност се покажува како многу великодушна кога станува збор за собирање пари за хуманитарна помош или за нечие лекување во странство, но делува како да не е заинтересирана за финансирање на други општествени сегменти. Сепак краудфандингот е иднината на независното новинарство, ослободено од секакви влијанија на пари и моќ.
“Проектот е финансиран од Европската унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”.

