Институтот за јавно здравје ја демантира изјавата на Дине Митрев, декан на Факулетот за ветеринарна медицина, дека испитувањата за листерија кои се прават во Институтот се промашени и сосема погрешни. Во демантот упатен до деканот се вели:
„Сметаме дека обвинувањата кои ги изнесува проф. д-р Дине Митрев, Декан на Факултетот за ветеринарна медицина во изјавата дадена на 12.08.2014 година за Веб порталот www.novatv.mk, се неосновани, нестручни и тенденциозни, сé со цел да се наруши угледот на Институтот и довербата која сме ја изградиле кај стручната и научната јавност.
Со таква дезинформација преку јавни гласила кои служат за објективно информирање на јавноста се создава паника, несигурност кај населението и нивна недоверба во системот и државните институции.
Институтот за јавно здравје е прва акредитирана лабораторија во Република Македонија за тестирање на безбедност на прехранбените производи во 2006 година. Во сертификатот за акредитација кој е достапен на веб страницата на Институтот за акредитација на РМ може да се види дека методот за детекција на листерија( Listeria monocytogenes )по стандардот ISO 11290-1: 1996 е исто така акредитиран.
Тоа е меѓународен стандард кој е општо прифатен за детекција, односно утврдување на присуство на Листерија во храна и брисеви од работни површини. Методот подразбира тестирање во период од 4 дена на еден примерок, и секој примерок кој бил доставен во микробиолошката лабораторија на Институтот, независно дали е од Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат или производители е третиран на тој начин.
Ниту еден резултат не е издаден без да бидат завршени комплетно тестирањата. За таа цел во текот на изминатиот месец се тестирани околу 1.000 примероци прехранбени производи и брисеви од работни површини и опрема.
Според европската легислатива на која се базира и националната како што е Правилникот за микробиолошки критериуми за прехранбени производи од 2013 година се пропишува следење на чистота на предмети и материјали кои доаѓаат во контакт со храната, согласно системот за безбедност на храна кој го развиле и примениле производителите.
Се подразбира дека е неопходно тестирање на присуство на Листерија во брисеви од работни површини или опрема затоа што тоа е начин за рано откривање на присуството на оваа бактерија во погони каде што се очекува нејзиното присуство.
Институтот за јавно здравје делува во соработка со Министерството за здравство, Агенцијата за храна и ветеринарство и во рамките на Комисијата за заразни болести кои се единствени институции компетентни да даваат изјави за здравствениот ризик од појава на листериоза кај населението.
Заради објективно информирање на јавноста треба да бидат консултирани и повикани за изјави институциите кои се наведени, затоа што секоја еднострана изјава може да упати на дезинформирање или сомнеж за заштита на одредени интереси“ се вели во демантот до деканот на Факулетот за ветеринарна медицина.
Деканот Митрев, како и од лабораторијата на Факултетот за НОВА потврдија дека н е постојат методи за испитување на бактеријата листерија какви што применува Институтот за јавно здравје со кој се докажува дали има или нема листерија, без да се утврди бројот на бактериите што е од пресудно значење. Овие методите постојат но, никако за испитување на листерија велат од таму.
-Целиот начин до кој е дојдено до резултатот е погрешен . Не постои таква метода, тоа е погрешен начин за испитување и со него не може да се врши броење на бактериите. Во никој случај не може да се издаде ваков формат на резултат, изјави за НОВА деканот Митрев.