Автор: Беса Арифи, Вонреден професор при Универзитетот на Југоисточна Европа
Чудни обединувања
Прогласувањето за светица на Мајка Тереза на 4ти Септември 2016 година покрена бројни дебати во Македонија во кои беа изнесени различни, често длабоко спротивставени ставови. Немам намера детално да аргументирам во оваа насока заради повеќе причини:
Прво, самиот процес на прогласување некого за светец е тесно поврзан со точно определена религија и со точно определени ритуали за кои немам намера ниту пак надлежност да зборувам,
Второ, од аспект на контроверзиите околу фондовите на Мајка Тереза и располагањето со нив, постојат различни аргументи и контрааргументи, во чијашто анализа исто немам намера да навлегувам. Како правник мислам дека тие спротивставени видувања треба да бидат добро анализирани и процесуирани со цел да се даде јасно докажана слика за работењето на тие ентитети. Засега докази околу можното “криминално” работење на таа фондација не се изнесени пред никаков меѓународен транспарентен и непристрасен суд за да можеме врз таква основа да заклучиме било што во овој однос.
Јас би расправала за начинот на изнесување на критичката мисла во нашите медиуми и кругови. Имено, ликот на Мајка Тереза или се глорификува во највисоко ниво според теркот на прогласување на светица од страна на Ватикан (притоа, под светец би се подразбирало човек кој во општо не погрешил ништо во животот), или се демонизира според некои недокажани контроверзии во врска со нејзиното работење и нејзиниот лик се покажува како ангел на смртта, произлезен директно од пеколот (дури има и токму така насловени документарни емисии). И сево ова се прогласува како критичко мислење. Епа потполно едностраното видување на еден лик како потполно црн или потполно бел, и тоа според религиозни видувања, прогласувајќи ја нејзе или како светец или како демон, не изгледа ниту пак звучи баш критички! Во кривичната постапка постои еден многу важен принцип кој на латински гласи: Аudiatur et altera parsшто се преведува во Да се слушне и спротивната страна. Нашите строги критичари како да забораваат на овој основен принцип и притоа се идентификуваат себеси само со едната страна на аргументи и притоа наместо критички звучат еднострани во своите критики. Звучат и обединети во својата критика со лица и групи со кои имаат потполно други и сосема спротивставени размислувања за други важни работи. Се обединуваат во глорификацијата или во демонизирањето на лицето на Мајка Тереза, притоа (не)намерно заборавајќи дека таа била човек, со свои видувања, со свои уверувања со свои ставови, цврсто религиозни ставови, кои не мора сите да ги делат, ниту пак сите да живеат според нив. Тоа што е вистински проблем е злоупотребата на тие нејзини религиозни видувања од страна на конзервативни властодршци кои преку зборовите на Мајка Тереза ги наметнуваат своите политики во однос на правото на абортус, планирањето на семејството, и покорот спрема власта.
Во светот Мајка Тереза е позната по нејзината долгогодишна работа во повеќе насоки и димензии од хуманитарен карактер, и тоа не може да се одрекува. Доколку било која димензија од нејзината работа била проблематична и се докажала како таква, не е во ред тоа потполно да ги стави под сенка сите други димензии на нејзината работа. Да ги оставиме светите и пеколните работи да бидат дискутирани во религијата, додека пак, во рационалното, секуларно и критичко мислење, да ги вклучиме сите димензии на размислување а не само една. Всушност во тоа се состои убавината на плурализмот на идеи и на интелектуалното размислување.
Споделување наспроти присвојување
И додека во светот се дебатира за различните димензии на ликот на Мајка Тереза, во Балканот, и особено во Македонија, а посебно во нејзиниот роден град Скопје, жестоко се дебатира за нејзиното потекло, и тоа во највисоките “научни” кругови на МАНУ.Не ми е јасно зошто луѓето од кои се очекува висок степен на интелектуалност имаат проблем да прифатат дека таа била Албанка по потекло. Таа сама јасно го кажува тоа: “По крв сум Албанка, по државјанство Индијка, по вера сум католичка калуѓерка, по повик му припаѓам на светот, по срце и целосно му припаѓам на Исусовото срце”, притоа истакнувајќи ја повторно таа мултидимензионалност на својот лик што погоре ја спомнав. Меѓутоа, претседателот на МАНУ посочи дека таа доаѓа од мешано етничко потекло, додека пак министерката за култура посочи дека сите народи се наследници на Мајка Тереза.
Верувам дека не треба да појаснам дека Мајка Тереза е најголем пример на лице кое им припаѓа на сите и се третира (покрај одредени критики) како една од најважните ликови во 20тиот век. Но во однос на тоа што се кажа во МАНУ, мислам дека е потребно едно важно појаснување: треба да се прави разлика помеѓу споделувањето и присвојувањето како концепти. Имено, во МАНУ сега има одреден број на академици Албанци од кои се очекува да бидат погласни во однос на вакви церемнонии во кои се промовираат вредностите кои на пример Мајка Тереза ги пренела на глобално ниво. Во таков случај, од академик Албанец би се очекувало да каже дека нејзините вредности ги преминуваат границите на етничкото, националното, државното и регионалното ниво и така преминувале во вредности кои како што таа сама кажала, му припаѓаат на целиот свет. Притоа, кога тоа би го кажал академик Албанец, тоа би било споделување на тие вредности со сите, додека пак кога тоа се посочува од претседателот на Академијата која во минатото и те како имала порблематични ставови во врска со потеклото на Албанците (скандалот со Енциклопедијата, итн.) а особено кога тоа се истакнува од министерката која многу малку вложила во унапредувањето на албанските културни вредности, тоа звучи како присвојување а не како споделување на било каква вредност. Впрочем работите можат да ги споделат тие што ги имаат. Мислам дека претставниците на така високи научни институции кои треба да придонесат во унапредувањето на критичката мисла и на науката треба да бидат многу внимателни за да не звучат присвојувачки во време кога треба да пренесат обединувачки и позитивни пораки.
“Интелектуални” двојни аршини
Неможе а данесеприметуватојдвоенстандардна некои “интелектуалци” кои се склони секогаш да ја видат само едната страна на медаљата, и потоа се вадат на принципи на државност, државничко однесување, и обврски дека сите треба исто да размислиме со нив и да ги делиме нивните ставови. Тие ставови се на пример: не треба единствено Албанците да се гордеат со Мајка Тереза, па таа е мајка на сите, ама тие не можат да се вклучат во митот за Александар Велики, тој е наш, прав Македонец, иако велат дека мајка му била Илирка. А уште поинтересно е кога некој успешен, познат, многу напреден човек успева да ги докажува своите вредности и надвор од државата, тој наеднаш се претставува како од мешано етничко потекло, мој другар, твој другар, наш човек, а од друга страна, кога некој се одликува со некои други карактеристики, не многу позитивни според општиот суд, тој е прав Албанец, и се заборава да се посочи било какво влијание на државните институции или на државните политики во таквото криминализирање, а камо ли да се понесе било каква одговорност за некакво дискриминаторско однесување. Јасно слушавме од поранешната министерка за внатрешни работи со какви имиња и придавки се опишуваат Албанците, а кога некој излегува поинаков од таквото квалификување, тој наеднаш не е како другите Албанци.Треба малку подлабоко да се размислува за пораките кои се пренесуваат со ваквата реторика и размислување.
И кога сме кај заедничките вредности, треба да се сеќаваме дека ги има повеќе. Како на пример Илинденското востание за кое често челниците на власта намерно пропуштаат да истакнат на слични говори како на оној за Мајка Тереза дека тоа било востание во кое директно допринеле и други етнички заедници од оваа земја. Сличен пример е другиот празник важен за Албанците а тоа денот на албанската азбука кој се поврзува со Конгресот во Битола. Битола е град во Македонија кој бил домаќин на еден од најважните настани за албанскиот јазик и култура, а во Македонија, според духот на Охридскиот рамковен договор, Албанскиот јазик и писмо би требало да се службени (фактот што не се е поразителен и за едната и за другата заедница, но за тоа нема да расправам во оваа прилика). Заради ова, Денот на Конгресот во Битола а и албанската азбука, јазик и писмо треба да се смета како заедничка вредност, наместо како нешто што е единствено важно за Албанците кои живеат во оваа држава. И кога сме веќе кај оваа теза, треба да бидеме свесни дека доколку работите кои се важни за посебните етникуми во оваа земја не се сметаат за важни за сите кои живеат таму, тогаш залудно е да се бара од тие луѓе државнички да се однесуваат.
Имено, често се случува, особено за време на спортски натпревари или за време на празници важни за Албаницте, нивното навивање или пак празнување да се презентира како скандалозно и да ги вџаши големите “интелектуалци” на оваа наша заедничка Македонија. Така луѓето се чудат кога Албанците навиваат за своето знаме, за својата химна, за својот национален идентитет. Нема тука ништо чудно господа, тоа е дел од нашиот идентитет од кој не може да се одрекуваме а не е ни во ред да се одрекуваме. Дотолку по непристојно е било какво барање за такво одрекување проследено со друго барање на припојување кон некој друг идентитет кој е моноетнички и не не претставува во било која димензија, бидејќи тоа би значело асимилација. Сакам да го нагласам примерот на Косово, при чие формирање како независна држава се запази етничката структура на земјата, така и државните елементи се одрекоа од националниот елемент и создадоа нов, косовски елемент кој ги обединува сите кои живеат во тоа место, без разлика кои се помалку а кои повеќе бројни. Во Република Македонија, ниту името на земјата, ниту химната, ниту пак грбот, не рефлектираат ништо од другите етнички заедници, и не е јасно поставена границата помеѓу етничкиот македонски идентитет и заедничкиот државен идентитет на сите граѓани. А освен државните симболи кои се потполно моноетнички, и односот спрема заедниците тешко дека може да се нарече суштинкси интегративен, и тоа е видливо во работењето тие само формално да бидат застапени но не и вистински застапени. Во мултиетнички земји пропуштањето на регулирање на овие работи резултира токму со отсуството на припадност на етничките заедници, така, за да се доаѓа до тоа вистинско државничко и пред се граѓанско однесување, мора да биде јасно дека тоа не е право на мнозинството и должност на малцинството туку, е право и должност на сите граѓани кои живеат во таа земја. Во нормални услови на живеење и работа никому не би требало да му пречи идентитетот на другиот, ниту пак треба да му пречи начинот на кој тој идентитет јавно се изразува. Во нормални услови, сите тие етнички заедници би требало заеднички да работат за подобар живот, подобра економија и подобри услови за живеење. Но ние одамна не сме нормална држава, дури мислам дека никогаш и не сме биле, па затоа е многу чудно да се очекува нормално државничко однесување од сите и на ист начин без притоа заеднички да се носат и поделат должностите и правата.
На 25 годишнината од постоењето како независна држава добро би било да почнеме одговорно да размислуваме. Дотолку повеќе што во овој четвртина век научивме многу како не треба да постапуваме, и како не се гради демократија. Моментално сме на голема битка со незамисливо широк криминал и недемократско владеење кое е штетно за сите нас, а особено е штетно, моќно, па дури и непроменливо, ако поделеноста е голема. Таквата поделеност нема да нестане сама по себе ако не сме спремни со истата да се соочиме.
Јасно е дека долго време отсуствувало спремноста да се говори, дискутира и дебатира за овие теми кои не поделуваат наместо да не обединуваат. Истотака е јасно дека нивното преќутување не ги решава работите, туку напротив, креира разни предрасуди. Затоа е добро еднаш засекогаш да научиме отворено да зборуваме за начинот на кој сакаме да живееме, јасно и искрено, без напори да се маскираме и да бидеме различни со “своите”, и спротивни со “другите”.
За денот на Независноста на Македонија, ајде да размислиме во каква Македонија сите би сакале да живееме, и да работиме кон таа нова визија за ова земја.