Пратениците попладнево, со 61 глас „за“, 22 против и без ниту еден воздржан, ја поддржаа интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути што ја поднесе пратеничката група на Левица. Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата на работата на Даути се основани.
На седницата не присуствуваа пратениците на СДСМ.
Интерпелацијата ја образложи Сашко Јанчев кој рече дека Даути со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочи Законот за бранители со тоа што не го става на дневен ред на Комисијата со која претседава.
Во текот на расправата беа изнесени различни ставови и обвинувања, а одговор на поднесената интерпелација даде и Илире Даути. Во одговор рече дека со самото излагање на Јанчев се докажало дека интерпелацијата е без основа.
Од каде и да гледате, ќе видите дека претседателката на Комисијата има право зашто ја сака вистината во целост. Таа е убедена дека ако се тргнат фрагменти од историјата, вистината останува половична, а со таква вистина не може да се гради иднина за граѓаните. Но прифаќам, и пратеничката има свои слабости. Таа е Албанка и треба да се соочи со разликите кои постојат не само во оваа институција… Таа е убедена дека за овие прашања се тргнува од човечноста и дека прво треба да бидеме луѓе, рече Даути.
Интерпелацијата на Даути беше поднесена од пратеничката група на Левица, додека останатите четири интерпеалции се поднесени од коалицијата на ДУИ, Европски фронт.