НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Интервју со Мартин Ѓаконовски-Шпато, џез-контрабасист: Привилегија е да живеам од тоа што најмногу го сакам

0
By Marija Todorovska on June 25, 2024 ИЗБОР
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Тина Иванова

Роден скопјанец, син на легендарниот композитор и аранжер Драган Ѓаконовски-Шпато, еден од најдобрите џез-контрабасисти во Европа денес, човек посветен на музиката исто онолку колку и на животот, па таа станува негов заштитен белег – Мартин Ѓаконовски-Шпато. Минатата недела настапи во Скопје, па го „фативме во лет“ за ова интервју. Бидејќи, од 90-тите живее и твори во Германија. Инаку, концертира низ светот со разни ансамбли, работи на бројни џез-проекти, издава албуми… Фасцинантен, навистина влијателен контрабасист од кого имаат што да учат новите музички генерации.

Мартин, деновиве сте во Скопје. Всушност, никогаш не го запоставувате Вашиот роден град. Може да се каже дека често доаѓате по разни поводи, претежно се концертни настапи. Најпрвин, како се чувствувате кога се враќате овде и како го доживувате (преживувате) пулсот на градот одново и одново?

Морам да кажам дека од кога во далечната 1990та година си отидов, никогаш не сум го запоставил својот роден крај, туку барем секое лето, а подоцна секоја пролет, лето и есен сум доаѓал. Носталгијата е нешто природно кога човек е свесен дека одејќи по својот пат, запоставува релации со роднините, пријателите и колегите. Од 2018 па наваму, јас доаѓам за љубовта, мојата животна партнерка живее тука. Концертните настапи тука ми се сведуваат на еден до два пати годишно. Тоа е нормално, бидејќи моето поле на делување е примарно во Германија. За Скопјево, ме радува што плива во културни настани, а тоа е добро и за уметниците и за публиката. Јас и сопругата не пропуштаме можност да посетиме концерт или театарска претстава во деновите што ги поминуваме заедно. Навистина, секој ден носи нови настани каде што можеме да ги поддржиме моите колеги музичари со ентузијазам.

Германија е Вашата втора „родна“ земја и Вашите настапи низ Европа се дел од Вашиот живот. Второво прашање се надоврзува на првото. Што му недостига на Скопје за да наликува на останатите европски метрополи?

Скопската/овдешната публика, за разлика од тамошната, оди по концерти со вклучени мобилни телефони, што е огромен пропуст за културниот настан. Тоа е игнорантен став наспроти уметниците на бина, а вниманието на посетителите е во најмала рака поделено во однос со перформансот. Како во театар, така и на концерт. Прашањето е, што бараат луѓе на концерт коишто добиле гратис билети за настан којшто не ги интересира? За мене, како уметник, тоа е шамар. Сеедно дали сум на бина или седам во публика и ја уживам уметноста целосно посветен. Инаку, на Скопје не му недостига број на уметнички настани, само квалитетна публика.

И публиката и музичката критика, Ве сврстуваат во еден од најдобрите европски џез-контрабасисти денес. Ви годи ли ваков епитет и како впрочем, тој се заслужува? Меродавна ли е критиката или како што многу од музичките уметници милуваат да кажат, битен е процесот на работа, долготрајноста, трпеливоста, но во голем дел за успешноста улога игра и среќата, па потоа епитетите самите по себе се „лепат“?

Покрај тоа што сум израснал во фамилија на музичари, тотално предадени на музиката, секако дека музичката едукација била важна во создавањето на мојот музички профил којшто ме донел до таму каде што сум. Трпеливоста и ентузијазмот на моите први професори Велко Тодевски и Виолета Апостолова беше клучна во развивањето на музичкиот јазик што ме носи во различни води сиве овие години. Јас само знаев дека патот во туѓината од никој да станеш некој е макотрпен. Не си татин/мамин син туку си nobody, дојден од Балканот и со своите вештини го пробиваш обрачот на предрасуди што Западот ги има кон музичарите од Балканот. Да бев Американец, ќе свирев веќе на 1000 албуми, а не на 250, но тоа е бремето што мора да се носи, барем што се однесува до џез-музиката. Најважниот сегмент на мојот пат бил, е и ќе остане благодарноста за привилегијата што ми е дадена од горе, да живеам од тоа што најмногу го сакам, џезот.

Татко ми свирел како тинејџер контрабас, меѓудругото. Купил во 60тите стар контрабас од еден италијански контрабасист од Опера. Тој бас стоеше во ќошот во домот во којшто се родив, чекаше да пораснам, да просвирам виолина и кога ми здодеа виолината, беше спремен за патешествието со мене.

Контрабасот е навистина тежок инструмент, иако не постои лесен инструмент, но тежок во смисла на солистичка улога. Во класичната музика на прсти можат да се избројат контрабасисти коишто кариерата ја градат и живеат од тоа како солисти. Обично се дел од оркестар, дел од Биг-Бенд, од разни џез-состави… Како гледате на оваа „неправда“?

Германците велат „Оhne Bass kein Spass“ или „Нема забава без басот“. Значи колку што е тешко да се свират најтешките инструменти за мене, виолината или трубата, толку е тешко да се придружува прикладно на бас или на друг придружувачки инструмент. Јас почнав да свирам виолина на 6 годишна возраст, а продолжив со бас на 14. Добрите виолинисти или пијанисти почнуваат на 3 или 4 години, ако сакаат да стигнат до врвот. Басистите како Рено Гарсија-Фонс, Божо Параџик, нашите Драган Трајковски и Ѓорги Цинциевски, пред сѐ, ги срушиле бариерите на можностите на контрабасот и свират без проблеми дела од Паганини. Колку вложиле работа во тоа, тие си знаат. Контрабасот во џезот како дел од пијано трио, саксофон квартет, квинтет со труба, други ансамбли со различни инструменти, па до Биг-Бенд или оркестар, има исто значајна виртуозна улога кога ќе се дојде до вртоглави унисони со лева рака на пијаното или кога треба да се солира меѓу виртуозно пијано соло и тапани соло. Колку е помодерна музиката и хармонските прогресии, толку се поспремни контрабасистите, технички и хармонски.

Како всушност се случи да се одлучите за контрабасот да биде Ваша професионална и животна придружба?

Татко ми свирел како тинејџер контрабас, меѓудругото. Купил во 60тите стар контрабас од еден италијански контрабасист од Опера. Тој бас стоеше во ќошот во домот во којшто се родив, чекаше да пораснам, да просвирам виолина и кога ми здодеа виолината, беше спремен за патешествието со мене. Тој бас го свирам сѐ уште и денес. Може да се чуе на околу 80 албуми и на куп „Јутјуб“ видеа, на пример, со Питер Бернстеин Квартет.

Она што навистина фасцинира, а креирало голем дел од Вашиот живот и Ве изградило како личност и како уметник, е Вашето семејство. Вашиот татко Драган Ѓаконовски-Шпато на овие простори остави богатство по кое сѐ уште се копа, кое сѐ уште се истражува, кое сѐ уште се пренесува од генерација на генерација. Во куси црти, како е да се расте со таков голем човек?

Од една страна е прекрасно да се знае дека татко ти бил некој што направил толку многу за светот на музиката и оставил моќно културно наследство. Од друга страна, човек си го оди својот пат. Во мојот случај, јас сум исполнувач/перформер/концертен музичар, не сум ниту композитор, ниту аранжер. Свирам туѓа музика најспретно и најквалитетно што можам, во тоа успевам и живеам од тоа и за тоа. Многу музичари се обиделе да одат по стапките на татковците, на пример Рави Колтрејн, син на Џон Колтрејн, одличен саксофонист, но колку одличен може да биде после татко му? Џошуа Редман, син на Дјуи Редман, одличен саксофонист, успешен во мејнстримот за разлика од татко му, успешен во модерниот џез итн. Да бев композитор, веројатно ќе се мачев како К.Ф.Е. Бах и Ј.К. Бах после божественото животно дело на татка им Јохан Себастијан Бах.

Знаеме многу случки, анегдоти, професионални пресврти, музички приказни врзани за Вашиот татко, но има ли уште некоја којашто никогаш нема да ја заборавите?

Од брат ми Васко од Америка, јас и брат ми Огнен добивме 2 комплети мини-пиатник карти, кои многу ги сакавме. Си игравме реми и бриџ секојдневно. Еден ден, кога нашата соба требаше да ја средиме, во таа тотално растурена соба си игравме како и обично, бриџ или хант. Татко ми влезе, виде што правиме, ги грабна картите и ги фрли низ прозор. Нема да беше проблем да ги собереме, но живеевме на 7ми спрат, така што гледавме како полека, но сигурно, како снегулки се спуштаа надолу. Најдовме само половина, но ни беше лекција.

Неговите песни често се на репетоарот и денеска, дел се и од филмски остварувања. Изведбите ги има секакви, од просечни до навистина добри. Ви пречат ли неквалитетните изведби на неговата музика или сепак, сметате дека е добро што тој преку неа сѐ уште живее, независно од квалитетот на интерпретацијата?

Кога различни луѓе ме прашуваат за авторски права на негови композиции, размислувам како што тој би размислувал. Ако е музикално, во ред е, ако не е, не е во ред. Колку како фамилија сме дозволиле, толку и сме одбиле.

Јас само знаев дека патот во туѓината од никој да станеш некој е макотрпен. Не си татин/мамин син туку си nobody, дојден од Балканот и со своите вештини го пробиваш обрачот на предрасуди што Западот ги има кон музичарите од Балканот. Да бев Американец, ќе свирев веќе на 1000 албуми, а не на 250, но тоа е бремето што мора да се носи, барем што се однесува до џез-музиката.

Каков е животот на еден уметник денес во Германија? Има поделени мислења, за едни тоа е сега „ветената земја“, за други сосема обратно.

Од кога сум во Германија, живеам од концерти каде што се плаќаат влезници, се организираат година до две однапред, се продаваат цд-а и публиката слуша внимателно и дава респект на секаков начин. Не би се менувал за друга држава. Но, јас зборувам за себе, сум станал „бренд“ во минатото столетие, а сега само жнеам. Како би било сега за првпат да се оди во таа „ветена земја“, не можам да си замислам, тоа ќе ги прашате помладите колеги за некоја година. Секој си плаќа цена на некаков начин, во кое време и да отишол во туѓината.

Кои се Вашите сегашни и идни ангажмани, со кого соработувате, да очекуваме ли наскоро нов проект?

Покрај албумот што годинава треба да излезе со музика на татко ми, на кој се Џон Илија Апелгрен, вокал, Гордан Спасовски, пијано, Левин Ѓаконовски, тапани, како и гостите Кирил Кузманов, саксофон и флејта, Паул Хелер, саксофон и Барт ван Лиер, тромбон, деновиве го едитирам, а наскоро ќе го миксам албумот што го снимив лани со мојот Квинтет со Паул Хелер, тенор саксофон, Барт ван Лиер, тромбон, Роман Бабик, пијано и Левин Ѓаконовски, тапани. Во програмата се четири мои авторски дела, четири дела на татко ми, како и една прекрасна бразилска песна. Првиот настап ќе го имаме на 23 јули 2024 на Меѓународниот етно фестивал во Карловац, Хрватска, а во Скопје ќе настапиме на 20 ноември во малата сала на Македонската филхармонија. Линк

интервју Мартин Ѓаконовски-Шпато Џез контрабасист
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Потврдена е првостепената пресуда против претседателот на Република Српска

August 1, 2025

Германија ќе испорача два системи „Патриот“ на Украина како дел од договорот со САД

August 1, 2025

Протест во Шабац против рудникот за литиум

August 1, 2025

Екс премиерот на Хрватска Санадер пуштен на условна слобода

July 31, 2025

Иран: САД мора да ни ја надомести штетата пред новите преговори

July 31, 2025
ФОКУС

Честитки од државниот за Илинден

ВЕСТИ August 2, 2025

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, упати честитка до…

Одбележување на Илинден во Крушево, Пелинце и Скопје

August 2, 2025

Кијив: Ден на жалост по смртоносниот напад во кој загинаа најмалку 28 лица

August 1, 2025

Трамп ја намали царината за Македонија на 15 %

August 1, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.