Какви се вашите шанси да станете првиот човек на Париз идната година?
Најдовски: Јас ќе бидам главен кандидат на партијата на зелените во Париз и на врвот на листата. Ќе бидам кандидат за градоначалник иако знам дека нема да дојдам до таа функција. Двете големи партии, социјалистите и десната УМП, се тие кои имаат најголеми шанси да добијат. А ние зелените се надевам ке бидеме на трето место, анкетите велат дека до 8 отсто од гласовите, и тоа е на трето место. Имаме и можност да направиме коалиција со нашите партнери а тоа се социјалистите и комунистите. Јас инаку сум заинтересиран за политика и одржливиот развој во едно општество. Затоа моите идеи се од екологијата.
Сте биле во Македонија на покана да ДОМ. Од тоа што го видовте како го оценувате еколошкото движење во земјата?
Најдовски: Па мислам дека има. Но во Македонија луѓето бараат пред се да најдат работа. И во Македонија треба да се најдат решенија за одржлив развој. Во големи градови како Скопје воздухот е загаден, реката Вардар не е чиста. На пример рибарите имаат право да имаат чиста вода за да ловат во чиста околина. Гледам дека политиката која се води во Скопје не оди во добра насока. Се повеќе има сообраќај, се шират улиците, се градат објекти каде треба да има паркови…
Луѓето треба да имаат убава средина за живот со зеленило и чист воздух.
Не е само Водно, кое е навистина убаво, но треба и таму каде што има станови да имаат зеленило.
Зелената опција има иднина. Луѓето треба да сфатат исто така дека екологијата и економијата можат да одат заедно. Проблемот е во тоа што големите партии не ја гледаат екологијата како сериозна политичка опција. ДОМ во Македонија според мене треба да е ориентирана кон екологија и човекови права. Но во Македонија не е развиена свеста за овие области. Иако го зборувам македонскиот јазик и често одам во Македонија, јас сум роден во Париз и на работите гледам како човек од Западна Европа. Го разбирам менталитетот на Македонија но размислувам како Французин. Еден Французин што работеше во амбасадата во Скопје ми велеше дека во Македонија најголемиот број луѓе го гледаат само сопствениот интерес а не и оној на општеството и заедницата. Од југословенскиот комунистички систем минавме во друго уредување и тоа наеднаш и затоа треба да се најде средина. Не може се да оди преку интерес и пари, треба да се гледа што е добро за општеството.
Го видовте Скопје 2014 година. Каков е вашиот впечаток?
Најдовски: Па да речам дека има два аспекти – еден фолклорен и еден посериозен. Не сум сигурен дека треба да се оди во таа насока и да прават градби врз антички основи кои провоцираат полемика. Не ми е сосема јасно која е целта на сето тоа. Има една страна која за мене е кич која ве тера да се смеете и истовремено гледате дека е тоа за владата сосема сериозно и тоа загрижува. Сето тоа е малку мегаломанија. Објектите се масивни. Местата каде имаше простор сега ги нема и не знам кој е плусот во сето тоа. Има некои објекти кои се добри но дали треба да ги има повеке десетици е прашање. Луѓето имаат други проблеми.
Да бевте градоначалник на Скопје што ќе беше вашата политика?
Најдовски: Не сум градоначалник на Скопје и немам намера да влегувам во македонската политика. Иако имам интерес за земјата, но не живеам таму и не можам да кажам што му треба на градот. Од она што го гледам градот треба да биде поорганизиран, да не се гради насекаде и транспорот во градот треба многу да се развие. Сообраќајот е хаотичен. И нема решение со ширење на улиците И градење катни гаражи. Кога има повеќе можности за паркирање толку повеќе се зголемува сообраќајот. Треба да се градат други работи а не катни гаражи.
Кога екологистите беа во француската влада пред 10 години, кои беа постигнувањата кои беа иницијатива на екологистите?
Најдовски: Имавме заменик градоначалник во Париз кој беше одговорен за транспорт. Воведовме план на возење точаци во градот кој се вика Велиб. Тоа се точаци кои можете да ги позајмите за користење без да се плати за првиот час употреба. Воведовме посебни траки за автобусите и го продолживме работното време на метрото за еден час во викенд. Јавниот транспорт го развивме. Видов дека во Скопје градските власти ги шират улиците за повеќе возила. А во Париз ние ги тесниме улиците за да има помалку сообраќај со кола, а повеќе со јавен транспорт и пешаци.
Париз е густ град со 2.2 милиони жители на 85 км2. Имаме просек на квадратен километар со 30.000 жители и тоа е многу. И мора да се најде начин за живеење во добри услови и не може секој да има кола и да се движи со неа секој ден. Треба други решенија. Паркинзи има но тие не се градат во центарот туку надвор на влезовите на градот и на влезови на метрото.
Со што овој пат ќе правите кампања?
Најдовски: Имаме проблем со становите. Има над 100.000 луѓе кои бараат социјални станови. Во Париз ќириите се многу скапи а и купувањето е многу скапо. Сега просекот е 9.000 евра метар квадратен и секој со нормална заработувачка не може да си купи стан. Идејата е да се зголеми просекот на социјалните станови. Нашиот проект се 25 отсто социјални станови до 2020 година. Освен тоа воздухот на Париз е загаден а голем број од возилата доаѓаат од надвор. Територијата на Париз е малечка а проблемите големи и бараме начини за решенија.