Исламската држава се приближува до сирискиот град Кобани кој е близу границата со Турција, јавува Си-Ен-Ен. Терористичката организација се наоѓа три километри источно од Кобани, со што се потврдуваат информациите од Сириската опсерваторија за човекови права.
Доколку ИСИС го заземе градот Кобани, тогаш би контролирала дел од земјиштето на самопрогласениот главен град Рака кој е 100 километри оддалечен до турската граница.
И покрај воздушните напади на Коалицијата предводена од САД, сведоците велат продорот на терористичката група не забавува.
– Потребна ни е помош, потрбно ни е оружје, потребни се засилени воздушни напади. Доколку ситуацијата остане како што е, ќе бидеме сведоци на масакар. Не сакам да замислам што ќе се случи доколку ИСИС навлезе во Кобани, вели официјален претставник на Кобани.
Во меѓувреме, во интервју за Си-Би-Ес амерканскиот претседател Барак Обама потенцираше дека американската влада „ги потценила случувањата во Сирија за време на граѓанската војна“, со што се дозволило земјата да стане база на џихадистите од целиот свет.