Благодарам за тоа што го направивте во неделата. Благодарам за огромната поддршка што ми ја дадовте. Благодарам за вашата посветеност, затоа што како и на други места, низ Македонија, покажавте дека државата ни е пред се. Македонија ни е пред се. Со над 120.000 гласа, покажавте дека има разлика. Покажавте дека знаеме да правиме разлика.
Им благодарам на сите гевгеличани за укажаната доверба, изјави претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов во Гевгелија.
Се надевам дека во вториот круг ќе имаме уште поголема излезност. Во вториот круг ќе имаме двојна победа. Ќе славиме победа и за претседателските и за парламентарните избори.
Во неделата покажавме дека имавме демократски и фер избори, како што и доликуваат на Македонија. Покажавме дека имаме мотив да одиме во двојна победа. Покажавте дека ги поддржувате политиките, ги поддржувате политиките на мене како Претседател и политиката што ја води премиерот Груевски и Владата на Република Македонија. Ги поддржавте политиките на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија.
Во овие пет години покажавме дека институциите на Македонија, не само што треба да соработуваат, мора да соработуваат, за доброто на Македонија. Кога имаме единство во државниот врв, тогаш имаме и успеси. Имаме и просперитет.
Се носат многу закони, се спроведуваат многу реформи. Сето тоа за да го почувствуваат граѓаните на Македонија. Да ги чувствуваат сите делови од македонското општество. За пензионерите да имаат редовни пензии, за земјоделците да имаат субвенции, за студентите да имаат стипендии, а учениците да имаат бесплатни учебници. Тоа е резултат кога имаме државно единство, кога институциите функционираат и се посветени на граѓаните на Република Македонија. Тоа е нашиот стил на работа. Бидејќи блискоста со вас, ни кажува што е она што ве тишти, што е вашиот проблем, кои се вашите потреби. Сето тоа влегува во програма и тоа е наша програма, за која ви поднесуваме отчет. Даваме отчет за сработеното.
Но потоа, повторно доаѓаме со програма за повторно да добиеме ваша доверба.
Благодарам што искажавте огромна доверба за програмата која ви ја понудив минатиот пат. Програма во која имаме верба дека Македонија ќе стане членка на Европската унија и членка на НАТО. Ми дадовте поттик да продолжиме да работиме со посилно темпо. Со поамбициозна програма.
Мене ме знаете веќе пет години. Сето тоа што беше сработено во новата програма продолжува, со нов континуитет. Мојата програма ги опфаќа сите сфери каде што можеме да постигнеме успех за нашите граѓани.
Нашата цел е Македонија да биде членка на Европската унија и на НАТО. Затоа добивме пет позитивни извештаи. Тие пет извештаи и петте препораки се она што нам ни припаѓа.
Тоа е она што ние сме го сработиле. Затоа продолжуваме со реформи. Затоа продолжуваме да работиме за просперитет и успех на Македонија. Затоа и се градат автопатишта низ Македонија. Затоа се градат фабрики. Затоа се градат болници и училишта. Затоа се отвораат нови работни места. Помина политиката кога го меревте политичарот колку убави зборови ви кажал. Денес политиката се мери со бројот на нови работни места.
Постојано се отвораат нови работни места за младите да живеат во Македонија, да создаваат свои семејства и да создаваат свое потомство.
Имавте можност да слушнете што нудат и другите. Но имавте можност да слушате многу нивни негативни работи. Мислеа дека со негативна кампања ќе ја добијат вашата доверба. Граѓаните во неделата и дадоа одговор на сето тоа што тие го збореа. Граѓаните кажаа каква Македонија сакаат. Граѓаните на Македонија го трасираат патот за иднината на Македонија. Нас ни требаат одговорни луѓе на сите места. Нас ни требаат вредни луѓе. Луѓе кои ја сакаат Македонија. Луѓе кои се патриоти, изјави претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов во Гевгелија.