Сите ние сме различни, но суштински сме еднакви. Секој од нас придонесува кон создавањето на сликата која другите ја имаат за нашата татковина Македонија, вели претседателот Ѓорге Иванов во своето новогодишно обраќање на нацијата.
– Претстојните празници се и можност да се потсетиме на вистинските вредности од кои произлегуваат нашите мисли и зборови, нашите дела и навики, но и нашата иднина.
Затоа, да им се радуваме на малите нешта што ја чинат големината на животот. Да им го посветиме сето наше внимание, нашата љубов и почит на нашите семејства, на нашите деца, на нашите соседи и пријатели. Да ги споделиме добрите мисли и надежи со болните, со немоќните и со сите оние на кои им е потребна нашата утеха, помош и поддршка. Да ја негуваме нашата традиција на соживот со почитување и прифаќање на различните од нас – вели Иванов.