Е, мои валандовчани. Поминаа речиси 30 години како излегов од Валандово. Но, горд сум што сум од Валандово. Чест ми е што сум валандовчанец, изјави претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов.
Јас сакав да ви кажам нешто и на валандовски, ама ме знаете, ниту сум кавгаџија, ниту сум фалбаџија. Не сакам од штабот на опозициониот кандидат да ми ги фаќаат граматичките грешки. Последниве денови не ги оставив на спиење.
По десет пати мораа да ги гледаа моите настапи и моите говори да најдат нешто да напаѓаат. Никогаш за овие пет години знаете на никого не сум му вратил, никому не сум нападнал. Ама сега ќе им кажам „продолжете и понатаму со ист интензитет, уште поголем интензитет, напаѓајте, колку повеќе напаѓате довербата на граѓаните расте“.
Такви беа и пред пет години, такви се и сега. Како велиме ние валандовчани “кој за што го бива“. Тие нека си зборат, напаѓаат а ние да работиме посветено за Македонија. Мило ми е што сите во Република Македонија ќе ја препознаат таа посветеност и што довербата на граѓаните во институцијата Претседател стигна 56%. Највисоко до сега. 74% од граѓаните во Македонија сметаат дека чесно ја обавувам функцијата Претседател на Македонија.
Додека тие омаловажуваат, напаѓаат, клеветеа, мене чест во светот ми укажуваат. Па еве да се пофалам пред валандовчани, до сега никогаш не сум се фалел, почесен професор сум на врвните светски универзитети, почесен доктор на светски универзитети, член и на Европската академија на науки и уметности, член на Светската академија на науките и уметностите.
Голем број на признанија од меѓународни институции, ордени, медали. Тоа го почувствуваа луѓето во Македонија, но и надвор од неа. Така е кога се работи за граѓаните на Македонија. Така е кога се работи сложно и тимски. Затоа што работиме како тим. Тим што победува, што носи победи на избори, што носи странски инвестиции, што носи инвестиции да се градат автопатишта низ Македонија, фабрики да се градат низ Македонија.
Е тоа е новиот лик на Македонија, кога млади луѓе на чело со Никола Груевски решија да ја менуваат Македонија. За тоа и ги поддржувам, за тоа и секоја нивна реформска мерка ја поддржувам. За тоа и работам, сите тие проекти да успеат.
Успева и Валандово. Веќе странска фирма доби концесија да отвори рудник за злато. Замислете, повторно ќе се вади злато во Валандово. Злато, бакар, сребро.Ќе се отвораат рудници во Македонија. Ќе се отвораат во Валандово.
Се работи за потребите на граѓаните. Гледаме како се асфалтираат улици, се реновираат училишта, како се подобрува инфраструктурата во Валандово, како луѓето се вработуваат. Затоа носев амбасадори во Валандово, за да им ги покажам потенцијалите на Македонија и за Водици и за Св.Трипун. Го донесов и српскиот претседател Николиќ да дојде во Валандово.
Ми велеа сум одел многу по такви манифестации, по ракијади….Па таму е народот, таму сум и јас. Каде се граѓаните кои што ги почитуваат своите обичаи, својата традиција, таму сум и јас. Затоа што вие сте ме избрале. Јас сум вашиот глас. Јас сум тој што вашиот глас го пренесува секаде каде и да одам. А имаше каде да се оди. 450 средби со претседатели на други држави, премиери, министри се остварени за овие пет години. 100 посети, официјални или работни на други земји и меѓународни настани. Но, доаѓаа и пријателите на Македонија.
Имаше повеќе од 40 посети, официјални, работни на други претседатели на држави на Македонија. Тие се пријателите на Македонија. Тие се оние што ја поддржуваат Македонија. Македонија која се менува. Се менува затоа што економијата ни расте. А кога ни расте економијата се расте во државата и платите и пензиите и субвенциите и социјалната помош. Се расте во државата. Само едно нешто опаѓа – невработеноста. Правиме се, сите што се иселиле од Македонија да се вратат повторно во Македонија. Да видат дека додека беше светската економска криза од 2008 година па наваму, кога многу силни економии тешко се справуваа со оваа криза, Македонија постигнува резултати. Резултати кој ги бележат најкомпетентни надлежни институции во светот. Кој ги следат сите промени и кажуваат дека Македонија успева.
Не критикуваа за се и сешто. Велат немало човекови права, ама Македонија е членка на Советот на Обединети нации за човекови права. Дека во Македонија немало слобода на медиумите. Која земја има повеќе медиуми од Македонија. Но, како што кажав, кој за што си го бива. Ние да работиме, да придонесуваме. Да ја градиме Македонија во височина, со највисоки стандарди, највисоки принципи, највисоки критериуми.
Не блокираа кон Европа, но не се предаваме. Пет извештаи и пет препораки за почеток на преговорите во Европската унија. Но, не стоиме, ја градиме Европа во Македонија. Ќе видите европски аеродроми, европски институции, ќе видите европски стандарди на нашите производи што се повеќе се извезуваат од Македонија.
Се вложува и за земјоделието. 500 милиона евра се вложени во земјоделието, кое што, земјоделието ни враќа со извоз на храна на македонски производи. Се вложуваше во образованието. Тие образовани луѓе одат по светски универзитети и секаде со себе ја носат Македонија. Секаде напредува Македонија. Но, така е кога се работи како тим.
Како што спортистите победуваат и не прават горди, како што нашите пејачи одат насекаде и не претставуваат, и на нив сме горди, како што нашите научници секаде успеваат, успева и оваа млада генерација во Македонија која што знае што сака, знае каде оди, изјавил Иванов, како што соопштува ВМРО-ДПМНЕ.
НОВА ги објавува содржините за изборите согласно информациите, фотографиите и видео материјалот кои ги праќаат политичките партии.