Дуња Иванова: Образовната парадигма кај нас одамна не функционира, а ние упорно се преправаме дека проблемот е во обемот на наставата.
Децата немаат доверба, уште помалку мотивација да веруваат во систем што треба да ги обликува, а ретко ги слуша.
До вчера предмети како филозофија, беа прогласувани за излишни, речиси пред укинување, мобилните телефони се забрануваат – не затоа што се лоши сами по себе, туку затоа што е полесно да се стави рез отколку да се изгради одговорност, самоконтрола и меѓусебна почит.
Постојано ги критикуваме децата дека не читаат и дека се неписмени, но ретко си го поставуваме прашањето: дали возрасните околу нив читаат, учат и се преиспитуваат?! Иронија е што најголемите зависници од технологијата се токму средната генерација маѓепсана од можностите на уредите што им го чинат животот шарен.
Сега и времето поминато во училиште било малку, како подолгото седење во клупа само по себе да создава посвесни, поодговорни луѓе.
На децата им треба спорт, движење, пракса, работа со раце, развој на вештини, креативност, емоционална писменост, соработка, емпатија и чувство на припадност.
Им требаат инспиративни наставници, мотиватори, контакт со природата и слободоумни луѓе што ќе ги водат, а не само ќе ги оценуваат.
Затоа што сувопарните информации денес им се достапни на дланка – не преку бубање, туку преку разбирање, поврзување и примена. Токму таму образованието треба да ја најде својата нова смисла!
Извор: Фејсбук



