Синоќа на полноќ настапи изборниот молк пред претседателските избори кои се одржуваат во недела. Молкот трае до недела, до 19 часот.
Денеска ќе гласаат членови на избирачките одбори во странство, во дијаспората, болните и изнемоштените лица, раселените лица, како и затворениците.
Право на глас имаат 1.779.572 гласачи запишани во Избирачкиот список. Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), 8.332 гласачи ќе гласаат во дипломатско конзуларните претставништа на Македонија.
Избирачките места во недела ќе бидат отворени од 7 часот наутро до 19 часот навечер. На гласачкото ливче за претседател има четворица кандидати.
Акредитирани се 8.325 домашни и 326 странски набљудувачи, како и 222 преведувачи.
Претседателските избори ќе ги набљудуваат мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Парламентарното собрание на Советот на Европа, ЕУ, амбасадите на САД, Шведска, Италија, Турција, Франција, Бугарија, Холандија, Косово, Словенија, Полска, Грција, Австрија, Шпанија, Хрватска, Кина, Словачка, Германија, Катар, Црна Гора, Србија, како и набљудувачи од данската организација Силба и Асоцијацијата за напредок едукација и лобирање Нел, невладините Мост и Цивил, Здружението за хуманитарни активности Синергија, Здружението на граѓани за демократизација и подигнување на колективната свест Движење Вепро и Здружението на граѓани Центар за развој на медиумите.
Првите изборни резултати од претседателските избори можат да се очекуваат вo недела до полноќ, а конечните резултати ДИК треба да ги соопшти 24 часа по затворањето на избирачките места.