Премиерката на Тајланд, Јинглук Шинаватра ги одби барањата на анти-владините демонстранти, кои се обидуваат да ја соборат нејзината Влада и да ја заменат со „Совет на народот“, тврдејќи дека протестите се против-законски.
„Се што можам да направам да ги усреќам луѓето, би направила…но како Премиерка, она што можам да го направам мора да биде во однос на законот“, изјави Шинавтра во понеделникот, по неколку недели мирни протести.
Полицијата претходно употреби солзавец и водени топови пред седиштето на Владата, за да ги избрка илјадниците демонстранти, бидејќи тие со стапови, шишиња и камења фрлаа кон полицијата, пренесува „Ал Џезира“.
Лидерот на опозицијата, Сутеп Таунгсубан, во неделата изјави дека се сретнал со премиерката Шинаватра, но дека немало преговори за надминување на политичката криза.
Тој на Јинглук Шинаватра и го соопштил ставот дека опозицијата нема да прифати ништо друго освен нејзина оставка.
CNN пренесува дека Судот во Тајланд, утринава издал налог за негово апсење, под обвинение за предавство.