Лондонската полиција изрече над 50 казни за посетителите на забавата во резиденцијата на британскиот премиер Борис Џонсон и други владини згради за време на строгите рестриктивни мерки во првите бранови на пандемијата на ковид-19, се наведува во извештајот што денеска го објави Скотланд Јард, цитиран од локални и странски медиуми.
Првите 20 казни беа изречени кон крајот на март, а две недели подоцна полицијата откри уште 30 случаи на прекршоци. Службениците за спроведување на законот не ги открија имињата на прекршителите, ниту датумот и местото на настаните во време на пандемијата. Кабинетот на Џонсон претходно соопшти дека доколку премиерот биде казнет, тоа ќе биде јавно објавено.
Лидерот на либералдемократите, Ед Дејви веќе рече дека бројот на издадени казни покажува „шокантен обем на прекршок“ на Даунинг стрит 10.
„Полицијата целосно ги отфрли тврдењата на Џонсон дека законите не се прекршени. Нему не може да му се верува, не може да остане премиер. Ниту еден друг лидер на која било организација не може да продолжи да остане на функцијата по прекршување на законот од ваков обем. Ако Борис Џонсон не поднесе оставка, конзервативните пратеници мора да му ја покажат вратата“, рече Дејви.