Во врска со случајот на Амди Бајрам и неговиот син-градоначалникот на Шуто Оризари и Радмила Шекеринска, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека МВР ги проверила информациите од двете посочени страни, по што се покажало дека нивните тврдења биле спротивни.
„Констатирано е дека нема прекин на гласањето и нарушување на изборниот процес, ниту нарушување на јавниот ред и мир. Меѓусебните обвинувања од страните можат да ги докажуваат во постапка, но за нас е важно дека изборниот процес се одвиваше мирно, во фер и демократска атмосфера“, рече министерката за внатрешни работи.
„Вчера ги имавме од безбедносен аспект најмирните избори и од аспект на интервенции на полицијата најмал број на случаи во историјата досега, кога полицијата воопшто требаше да излезе на терен да реагира, а уште помалку да интервенира“, оцени министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Полицијата утрово приведе две лица во Струмица на 30 и на 52 годишна возраст поради повреда на слободата на определување на гласачи и против нив ќе следи соодветна пријава. Тие, според Јанкулоска, вршеле притисок врз Ромите во ромското маало во Струмица во однос на нивното определување.
Настанот во Радишани што се случи вчера, според информациите од МВР, е сообраќајна несреќа која подоцна ескалирала во физичка пресметка, но не е поврзана со изборите.