На социјалните мрежи се јавија реакции по сечата која рано изутринава се одвиваше во паркот спроти хотелот Бристол, под надзор на стотината полицајци и специјалци меѓу кои неколку жени беа туркани и влечени. На своите профили реагираа:
Европска Епархија:
Не се попусто исечени дрвјата. Од нив ќе се направи хартија на која ќе се печатат реклами за кампањата “Засадија својата иднина”.
Проф. Владимир Милчин, режисер, револтиран од ноќешното, како што вели, злосторство, напиша:
Специјалци и моторни пили доцна во ноќта. Првите за луѓето, вторите за дрвјата. Дење повикува на обединување, ноќе гази сè што му стои на патот. Го честита празникот со сеча. Списка милиони божем пошумувајќи ја Македонија, сега печали соголувајќи го Скопје.
На педесетина метри од местото на ноќешното злосторство се наоѓаат затворените канцеларии на тие што тврдеа дека садејќи дрвја ја садат иднината. Каде се сега? Дезертираа од сегашноста, кренаа раце од иднината? Не веруваат дека ќе ја има?
Тоа што не може дење, Грујо го прави ноќе, како што им прилега на криминалците. Македонија спие. Моторните пили не ја будат. Има ли воопшто некаков звук што ќе ја разбуди од дремката и бунилото?
Комитите и партизаните им пееле на шумите.
Денес планините се соголени. Останаа само песните. А гласовите зарипнати, напукнати, како без душа. Над испустената Македонија брмчи само гласот на Фирерот. Му се заканува на светот, а ја гази татковината.
“Сечи, сечи,” одекнува во центарот на Скопје.
Фросина Ременски, СДСМ:
Факти за дрвото: 1. Едно зрело дрво може да го апсорбира јаглерод диоксид 22,7 кг / годишно (48 lbs) и да ослободи доволно кислород назад во атмосферата за поддршка на 2 човечки суштества. 2. Еден декар дрва годишно трошат количина на јаглерод диоксид еднаква на онаа количина која се ослободува од автомобил кој извозил 41.483 км.Истиот декар дрва, произведува доволно кислород за 18 луѓе да дише една година. 3. Дрво со дијаметар од 18 “дијаметар во својата база, произведува 2721.5 kg (6000 lbs) кислород. Да се биде свесен за товарот од сечењето дрвја, значи да се сочува секое дрво, до последно!
Емилија Лазаревска, новинар:
Институционалното злосторство продолжува! Но ние не сме Турција, Бристол не е Таксим а нашиот народ си е Трпе и нека си трпи! Секоја чест на неколкуте млади луѓе што се спротиставија!! Има надеж дека не се баш сите послушници и тутурутки
>> „Подобро парк отколку премиер Груевски“
Иронично пред само неколку дена, паркот го доби името по премиерот Груевски, по што граѓаните и активистите на граѓанските иницијативи „Кислород“ и „Авангарда“ изразија надеж дека премиерот нема да го исечи паркот што го носи неговото име.