Откако утринава се огласија САД и ЕУ со барање Советот на јавните обвинители да го именува тимот на г-ѓа Јанева, попладнево и комесарот Јоханес Хан испрати итна и сериозна порака до Македонија.
Преку неговиот портпарол тој рече дека времето истекува а во Македонија се уште нема договор за изборното закондавство. Накусо, Брисел порачува дека итно мора да се дојде до договор бидејќи наредната недела на дневен ред треба да дојде извештајот за напредок за нашата земја и сите негови критики и забелешки. Одложување на договор може да има негативни последици за Македонија бидејќи веќе се пробиени поставените рокови за целосна имплементација на политичкиот договор од 2-ри јуни и 15-ти јули.
„Комесарот Хан многу внимателно ја следи имплементацијата на политичкиот договор во Скопје. Тој е целосно во тек со моменталните одложувања во донесувањето одлуки за клучните прашања. Тој е загрижен дека некои од роковите што се договорени од страна на политичките лидери не се исполнети. Потребно е итно да се направи напредок за носење на одлука во врска со изборните реформи и воспоставување на Државната изборна комисија и да се обезбеди правилно функционирање на канцеларијата на Специјалниот обвинител и формирање на Анкетната комисија“, порачала Кочијанчич.
Хан смета дека политичката волја треба да донесе договор со «компромис од страна на СИТЕ партии, а во интерес на земјата». Своето инститирање на компромис Комисијата го подвлекува со употреба на големи букви во зборот «сите» во своето соопштение.
„Комесарот Хан се надева дека повеќепати изразената посветеност за целосно спроведување на политичкиот договор од страна на четирите политички партии ќе овозможи да се финализира договорот за сите овие прашања во многу кратко време, бидејќи времето истекува“, порачува Европската комисија.

