Претседателот на Европската комисија (ЕК) Жан-Клод Јункер денес предложи релокализација на 120.000 бегалци кои се наоѓаат во Грција, Италија и Унгарија низ цела Европа.
Овој број треба да се додаде на претходниот предлог на ЕК за прием на 40.000 бегалци, предлог на кој земјите членки не одговорија според очекувањата. Според Јункер, ова треба да биде задолжително за земјите членки а не да се чека нивната добра волја која не ја покажуваат со многу великодушност.
„Решавањето на бегалската криза е прашање на хуманост и достоинство за за Европа е прашање на историско фер однесување“, рече Јункер.
„Потребна е акција“, рече тој и потсети на брановите бегалци од Унгарија, Чешка, Словачка и Шпанија кои бегаа од своите домови додека нивните земји минуваа низ тешки времиња. Јункер изрази надеж дека сите земји членки овој пат позитивно ќе одговорат.
Јункер потсети дека оваа година во ЕУ влегле 500.000 луѓе и дека оваа бројка изнесува само 0,11 отсто од тоталното население на ЕУ. И потсети исто така дека зимата е на нашите прагови и дека никој не смее да спие на железнички станици и под мостови.
Освен приемот на бегалците, Јункер најави фонд од 1,8 милијарди евра за помош на Африка која со тие пари треба да се бори против корените на миграцијата.
Другите најавени мерки се однесуваат на промена на азилантскиот систем во ЕУ според кој денес бегалецот треба да побара азил во првата европска земја во која влегува. Ова правило повеќе не држи бидејќи први земји секогаш се Грција и Италија. Освен тоа, ЕУ ќе направи список на «сигурни земји» чии што жители нема да имаат право на азил бидејќи нивните земји се демократски. Помеѓу нив ќе бидат пред се ставени земјите од Балканот.
Според Јункер ЕУ треба да отвори легални канали за миграција:
„Ние сме континент што старее и миграцијата треба од проблем да се претвори во ресурс“, рече тој и додаде дека на барателите на азил треба да им се дозволи да работат и пред да го добијат статусот на бегалец.
Јункер најави конечно дека ЕК ќе предложи план за заедничка азилантска политика најдоцна на почетокот на 2016 година.

Германија не го чекаше Јункер и им посака добредојде на бегалците
Германија не ја чекаше изјавата на Јункер за да разбере дека бегалците се добредојдени за иднината на земјата.
„Брзата интеграција на бегалците во Германија ќе им помогне ним. Но ќе ни помогне и нам.” Ова не се зборови на некој активист од невладина организација, туку зборови на Улрих Гриљо, претседател на моќната федерација на германската индустрија.
Во Германија секој ден влегуваат илјадници Сиријци, Авганистанци, Еритрејци. Накусо, Германија очекува дека годинава ќе стасаат 800.000 бегалци. Првата европска економија не ги брка туку им се радува.
Според белгискиот дневник “Ла Либре Белжик”, на Германија и недостасуваат 140.000 инженери, програмери, техничари, болничари и лекари а работна рака бараат и рестораните и хотелите. Истовремено 40.000 места за обука ќе останат непополнети оваа година. Инстутитот Прогнос тврди дека во 2020 година на Германија ќе и недостасуваат 1,8 милиони луѓе во сите сектори а дури 3,9 милиони во 2040 година доколку не се стори нешто на ова поле.
Но, истовремено, Германија предупредува дека барателите на азил и работа од балканските земји ќе мораат да се вратат во нивните земји и воопшто да не се обидуваат да останат во Германија. Бегалците кои сега стасуваат во Германија нема да можат сите да останат но, според Гриљо, тие се млади и образовани и претпријатијата со задоволство ќе им ги отворат портите.
Влијателните гласови од германската индустрија и работодавците бараат од Владата да направи сериозен напор за да им овозможи да ги примат на работа бегалците. Така, тие би сакале гаранција дека бегалецот што ќе го примат на работа нема да мора да ја напушти земјата. Се разбира, на работните места за бегалците со регулиран статус ќе се примаат странци доколку фирмата не најде исти квалификации кај локалното население. Тие бараат исто така да се воведат брзи процедури за признавање на дипломите и да им се овозможи на бегалците брзо да научат германски.
Но, во конзервативната партија на Ангела Меркел има многу гласови против усвојување на нов закон за имиграција како што тоа го бара социјал-демократската партија која е во коалиција со ЦДУ.

