Пишува: Владимир Петрески
Ако ги погледнете податоците за движењето на невработеноста на сите земји во Европа за кои има податоци (36 земји) во изминатите 26 години, значи од падот на комунизмот во 1990 година, ќе видите дека нема ниедна земја, ама баш ниедна, во која невработеноста паѓа 11 и пол години по ред без прекин. Освен една – Македонија.
Словенија, на пример, исто имаше подолг период на постојан и непрекинат пад на невработеноста од 10 години – од 1999 до 2008 година, но со доаѓањето на светската економска криза, односно глобалната рецесија и таму невработеноста во 2009 година порасна. Во ниедна друга земја во овој 26- годишен период невработеноста не паѓала толку упорно и постојано без прекин.
Во зависност од година во година падовите понекогаш се минимални, само една десеттинка од 1 процент, а понекогаш и над 2 проценти, но секогаш, без исклучок станува збор за пад на невработеноста.
Единствен случај во Европа
Само во една земја во Европа, откако постојат релевантни статистики од средината на 20-иот век, се случил подолготраен пад на невработеноста од овој што го имаме во Македонија во изминатите 11 и пол години. Станува збор за Сојузна Република Германија во период од 13 години, од 1950 до 1963 година. Но, ова не може да се споредува од проста причина што германската економија после Втората светска војна беше комплетно разрушена, сите поголеми германски градови беа целосно уништени од долготрајните сојузнички бомбардирања и сосема е нормално во таква ситуација, особено со постоењето на американскиот Маршалов план, кој ја поттикна економската обнова на СР Германија, невработеноста да паѓа подолготраен период. Но, друга инстанца на ваков постојан и непрекинат пад на невработеноста во Европа не може да се најде.

Како што може да се види на најгорниот графикон, невработеноста почна да паѓа уште во текот на владеењето на СДСМ од 2005 на 2006 година. Со оглед на фактот што во Македонија во тој период имавме навистина висока невработеност од 37,3%, таа и немаше каде да оди освен надолу. Евентуално зголемување на невработеноста, на пример, не би можело да дојде предвид, зашто невработеност од 40% на пример, нема никаде на европскиот континент, потоа на глобално ниво во периодот од 2001 до 2008 година економијата бележеше раст, кој мораше да се преслика и во нашата земја.
Падот на невработеноста во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ не е воопшто проблематичен и е дури и очекуван со оглед на високата почетна невработеност, а во меѓувреме пристигнаа и странски инвеститори, се либерализира високото образование со што многу повеќе млади можеа да се стекнат со универзитетска диплома со која полесно се доаѓа до работа и има редица други услови кои покажуваат дека падот на невработеноста во изминативе 12 години беше неминовен. Тоа не е проблемот.
Проблемот е во постојаниот, упорен и непрекинат пад на невработеноста и во ситуации кога тоа изгледа малку веројатно ако се земат предвид други економски и неекономски показатели.
Ем војна, ем пад на невработеноста
И тоа не станува за намалување на невработеноста само во периодот на владеењето на оваа власт, туку и при претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. На пример, во 2001 година, кога Никола Груевски беше министер за финансии, и кога во земјава се водеа воени дејствија против ОНА, повторно има пад на невработеноста, како што има пад на невработеноста и во сите 4 години кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт во тој период. Иако, на пример, во Гласникот, тогашното официјално издание на министерството за финансии, во 2001 година се појави напис во кој се велеше дека во време на вооружени дејства едно министерство за финансии може малку да стори, освен да се грижи да го ограничува падот на економијата.
Оној раст на невработеноста кој се гледа од 2002 на 2003 година од 31,9% на 36,7%, а кој се случува со доаѓањето на СДСМ на власт, е резултат на административни и методолошки причини. Тогаш македонската статистика се усогласи со онаа на ЕУ, податоците за невработеноста за 2003 се објавија дури кон крајот на 2004 година, анкетата на работната сила, преку која се мери невработеноста почна да се врши постојано, наместо два пати годишно, а резултатите се објавуваат еднаш на три месеци.
Потоа, до 2002 година, вработените во министерствата за внатрешни работи и одбрана воопшто не се ни броеја „од безбедносни причини“, за потоа и тие да бидат вклучени во статистиката за да не може да се манипулира со нив.
Така што, секогаш кога ќе чуете дека „невработеноста во време на СДСМ беше 38%“, треба да знаете дека такво ниво на невработеност немало никогаш, максимумот беше 37,3%, а и таквото ниво е само зашто се смени методологијата на работа, што значи дека невработеноста во 2003 година, на пример, не е ништо поразлична од нивоата на невработеност во претходните неколку години, само што тогаш таа се мереше на различен начин, кој не беше во склад со стандардите на ЕУ.
Работници во индустријата помалку и пк пад на невработеноста
Но, она што зачудува во последниве 11,5 години со постојаниот и упорен пад на невработеноста, е што таа паѓаше и во крајно неочекувани периоди. На пример, во 2009 и 2010 година, Македонија, како и цел свет, беше погодена од светската економска криза, а потоа и од европската должничка криза. Во цела Европа невработеноста растеше, а имаше и земји каде што тој раст беше и двоцифрен. Но, во Македонија, и во 2009 и во 2010 имаме пад на невработеноста. Во тој период многу се говореше за партиски вработувања во администрацијата, така што невработеноста во 2009 година забележа пад и покрај тоа што целата економија забележа пад истата година.
Еден друг податок на Држвната статистика, кој се вика Индекс на работници во индустријата и кој ги мери „работниците кои биле вработени… на крајот од месецот“, како што објаснува методологијата на државната статистика за овој индекс, значи се мери секој месец и „се пресметува од податоците за бројот на работниците во одделни групи на дејности во тековниот период и бројот на работниците во одделни групи на дејности во базниот период“, при што базна година е 2010, кога индексот е 100, покажува значителен пад на бројот на вработени работници во индустријата од 2008 на 2009 година.
Ако овој индекс во 2008 изнесувал 107,85, во декември 2009 година тој паднал на 100,7, тоа претставува пад од над 7%, или со други зборови, секој 14-ти работник во индустријата останал без работа во тој период на најсилен удар на светската рецесија. Но, и покрај тоа, кога станува збор за вкупните бројки, невработеноста во 2009 година бележи пад од дури 1,6% и единствено можно објаснување е дека падот на работниците во индустријата е надополнет со уште повеќе државни партиски вработувања во јавната администрација.
Ако, понатаму, пак, ја погледнеме 2012 година, кога повторно имавме пад на македонската економија, односно на бруто домашниот производ (БДП) и кога индустриското производство паѓаше цели 17 месеци по ред (од октомври 2011 до февруари 2013 година) повторно забележуваме дека невработеноста забележала пад и таа година од 0,4 отсто.
Постојано и упорно намалување од година во година
Но, она што најмногу паѓа во очи тоа е постојаниот и упорен пад 11 и пол години по ред без ниедна година да нема ниту мал раст на невработеноста и покрај сите премрежија низ кои економијата помина во целиот тој период. Економијата и невработеноста едноставно така не функционираат. Тие имаат падови и издигнувања и тоа се нормални и вообичаени движења на невработеноста. Еве примери од 4 сосема случајно избрани европски земји, Албанија, Естонија, Словачка и Шпанија, на кои се гледа „нормално“ движење на невработеноста токму со тие издигања и падови.
И во некои од овие земји имаме подолги период на пад на невработеноста, но и нејзин раст. Ова е „нормална“ дистрибуција на движењето на невработеноста на некоја земја каде што падот и растот се менуваат. Во вкупниот период можеби конечниот резултат е пад на невработеноста на подолг период, но во меѓувреме имало и години каде што е покажан и нејзин раст. Во Европа, како и во САД и во остатокот од развиениот свет, најголем дел од земјите покажаа раст на невработеноста во текот на светската финансиска криза во 2009 година.

Исто така, контрадикторни на овие податоци се и оние за платите. Имено, во ситуација кога паѓа невработеноста, односно, кога има интерес за работната сила и тоа особено кога станува збор за значаен пад на невработеноста од 37,3% во 2005 на само 24% според последните податоци годинава, тоа би требало да се одрази на реалните плати (оние со вклучена инфлација), односно тие би требало да покажат некаков, барем минимален раст.
Но, и покрај значителниот пад на невработеноста, реалните плати од 2010 до 2013 година од 0,6 до 3 отсто, значи 4 години по ред не само што не пораснаа туку и паѓаа, за да почнат да растат дури во 2014 и нивниот раст да продолжи лани. Многу е веројатно дека реалните лични доходи паѓаа и пред 2010 година, значи во 2009 и во 2008 година но за тоа податоците се неспоредливи зашто во 2009 година се укина додатокот за хранарина и превоз, кои преминаа во вкупните плати и споредби не можат да се прават
При смената на власта во 2002 година од ВМРО-ДПНЕ на СДСМ имаше редица проблеми во Државниот завод за статистика, жалби за притисоци од страна на претходната ВМРО-вска власт, а многу дискретно се спомнува и спроведување дискретна интерна истрага во институцијата со доаѓањето на власт на СДСМ во тој период, при што вработени во државната статистика ги потврдиле притисоците. Што, пак, денес, се случува со податоците за невработеноста, чиј постојан и упорен пад 11 и пол години по ред редовно пропагандно се експлоатира од страна на власта, ќе остане непознато се до нејзината смена.