Од први декември годинава на сила ќе стапи новата одлука која предвидува забрана и повлекување од продажба на пластични кеси во маркетите и на пазарите. Со тоа, пластичните кеси би биле заменети со нови, биоразградливи кеси кои според најавите ќе чинат петнаесет денари од парче. Голем дел од анкетираните граѓани сметаат дека одлуката е на место и дека повлекувањето на пластични кеси од употреба е нужно поради енормното загадување во околината.
„Треба да се укинат затоа што пластикава не угуши, буквално.“ – смета постара скопјанка.
„Треба дефининитивно да се повлечат од употреба, затоа што прво ја загадуваат околината, затоа што се даваат беспотребно. Секој може да си набави торба или било што за да ги пренесе продуктите што ќе ги купи. Беспотребни се кратко и јасно. Само штетат, немаат никаква корист. Јас веќе почнав да си носам платнена торба затоа што најчесто пазараам повеќе работи така што кеси веќе никакви не би користела.“ –додава млада мајка од Скопје.
Меѓутоа, дури и оние граѓани кои изразија позитивен став кон оваа одлука сметаат дека доколку новите биоразградливи кеси чинат 15 денари тоа би било премногу за нашиот стандард и воопшто не би ги купувале. Во замена за кесите би носеле платнени торби за повеќекратна употреба, бидејќи како што велат цената на кесите не би била пристапна за секој да може да си дозволи биоразградлива кеса при пазарење.
„Треба да се повлечат од употреба меѓутоа треба и да се пристапни другите, за секој да може да ги купи, затоа што ситуацијата ни е таква поготово кај пензионерите со мали примања. Дали ќе можат тие да си одвојат за таква кеса? Не може секој тоа да си го дозволи, за некого тоа ќе е прескапо. За овошје да дадеш петнаесет денари, за зеленчук петнаесет, ќе влезеш во продавница леб да купиш, уште петнаесет. Додека се вратиш дома колку ќе биде тоа? Можеби во иднина секој ќе може да си дозволи но, сега за сега не знам како ќе биде. Ситуацијата и стандардот да е подобар, инаку зошто да не.“ – вели пензионерка од Скопје.
Она што предизвикува револт кај дел од анкетираните граѓани всушност не е зголемена цена на кесите која е најавена, туку непроменливоста на примањата кои ги имаат.
„Премногу е. Не е само едно ќесе да наполниш, ќе купиш од аптека, ќе купиш од пазар, по петнаесет денари, а пензии исти, плати исти…катастрофа.“ – смета пензионерка од Скопје.
„Новите кеси би биле прескапи а и нели се зборуваше претходно дека ќе бидат биоразградливи па ништо од тоа, така што не верувам на ништо. Не сум за укинување на кесите меѓутоа ако веќе се донесе таков закон секој ќе си има торба затоа што ќе бидат прескапи за нашиот стандард, за 200 евра плата. Сега две сум земала, но ќе земам десет на пример и тоа е веќе многу.“ – вели постара скопјанка.
Од другата страна на приказната пак се пазарџиите кои треба да им ги продаваат кесите на купувачите. Но, пазарџиите кои ги анкетиравме по ова прашање се со прашалници во главата. Како што велат и самите, досега не добиле никакви насоки во однос на новата одлука за употреба на пластични кеси .
„Досега уште немаме никаква информација, не знаеме како ќе се одвиваат работите. Самите муштерии ќе бидат свесни, ќе бидат известени преку медиумите и најверојатно ќе доаѓаат со торби. Ние имаме кантар, ќе им ги мериме производите и нека се снаоѓаат. Или ако има опција биоразградливи како што најавуваат, ќе им ги продаваме. Како ние ќе ги купуваме така нив ќе им ги продаваме.“ – вели пазарџика од пазарот во Ѓорче Петров.
Како што велат, одлуката е донесена премногу брзо и стихијно, што дополнително ќе ја отежни ситуацијата бидејќи народот нема да се снајде брзо.
„Никој не не исконтактирал, никој ништо не ни кажал во врска со тоа, само се слуша, се зборува наоколу меѓутоа никој не дошол директно да ни каже. Мислам дека нема да помине туку-така лесно кај народот. Требаше да се направи некој баланс, некоја транзиција затоа што вака е нагла промена и народот не може да се снајде брзо.“ – истакнува пазарџија од пазарот во Ѓорче Петров.
Новата одлука стапува на сила на само еден месец пред крајот на 2021 година, со што се следи европскиот тренд за забрана за користење на артикли од пластика за еднократна употреба.
Марија Поповска