НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Какви лекции може да научи Македонија од нобеловците за економија

0
By Zoran Ivanov on October 18, 2024 ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Престижната награда на овогодишните лауреати им е доделена за нивниот придонес во истражувањето на комплексните врски меѓу институциите и просперитетот, т.е. меѓу институциите и економскиот раст и развој на земјите.

Таки Фити / Слободен печат.мк

Големите разлики, диспаритети во степенот на економската развиеност меѓу земјите е препознатлива карактеристика на современиот свет. Овие разлики, всушност, се сведуваат на разлики во висината на доходот и во квалитетот на животот на граѓаните во одделни земји. Во современата литература од областа на макроекономијата и посебно од областа на теоријата и политиката на економскиот развој, разликите во степенот на развиеност меѓу земјите, во основа, се објаснуваат со разликите во продуктивноста. Самата продуктивност, пак, е детерминирана од расположливоста на физичкиот капитал (машини, опрема и сл.), човечкиот капитал, природните ресурси и технологијата. Но, сега се поставува клучното прашање:

Зошто некои општества се успешни во економскиот процес, а други не се во можност оптимално и ефикасно да ги користат развојните ресурси?
Ваквата состојба упатува на претпоставката дека постојат и други потенцијално значајни причини, кои ги условуваат диспаритетите, разликите во степенот на економската развиеност меѓу општествата. Историски гледано, уште претставниците на класичната економска мисла, посебно Адам Смит (таткото на економијата) и Џон Стјуард Мил, тврдеа дека добрите економски институции се причина за економскиот просперитет. Норт Даглас, добитник на Нобеловата награда за економија за 1993 година, тврди дека воспоставувањето добри институционални аранжмани што ги поттикнуваат иновациите, економиите од обем и осигуруваат добро функционирање на пазарите, се клучни за економскиот просперитет. Понатаму и претставниците на т.н. нови теории на растот, нобеловците Роберт Солоу и Пол Ромер, исто така, го истакнуваат значењето на институциите за долгорочниот економски раст.

Афирмација на хипотезата за институциите како главна причина за просперитетот

Хипотезата за институциите како многу значаен фактор за објаснување на разликите во степенот на економската развиеност меѓу земјите, но и како најзначаен фактор за економскиот просперитет, особено доби во значење со појавата на т.н. Нова институционална економија, на чија школа припаѓаат и овогодишните лауреати.

Лауреатите се коавтори на значајни книги во кои се истражуваат врските меѓу институциите и просперитетот. Меѓу нив посебно треба да се споменат книгите „Зошто нациите не успеваат“, „Економските корени на диктатурите и на демократијата“ и „Нашата илјадагодишна борба за технологија и просперитет“. Коавтори на првите две книги се Ачемоглу и Робинсон, а на третата Ачемоглу и Џонсон.
Ачемоглу уште во 2003 година истакнуваше дека постојат два фактора за објаснување на разликите во просперитетот помеѓу земјите: географијата и институциите. Географијата се обидува да ги објасни тие разлики со силата на природата (географската положба, климата, болестите, екологијата и сл.), а алтернативата, т.е. хипотезата за институциите се однесува на човечкото влијание и укажува дека добрите институции ги охрабруваат продуктивните инвестиции (во машини, во човечки капитал, технологија и сл.) и го осигуруваат економскиот просперитет.

Според Ачемоглу, Робинсон и Џонсон, не постои евиденција што би потврдила дека географијата е примарен фактор што ги условува разликите меѓу нациите во економскиот просперитет. Во прилог на ваквото тврдење лауреатите наведуваат два значајни аргумента. Првиот е поврзан со искуствата од периодот на колонизацијата и тој се покажува како еден вид природен експеримент. Имено, Европејците во периодот на колонијализацијата (по XV век) применувале различни колонизаторски стратегии, придружени и со различни институции во различните колонии. Во колониите со исклучително изобилни природни богатства Европејците ги задржувале т.н. „ексклузивно екстрактивни институции“ или воведувале ист таков вид институции доколку тие не постоеле – таков бил случајот со Конго, понатаму случајот со робовските плантажи на Карибите, случајот на задржување на типично трудоинтензивни системи на работење во рудниците во Централна Америка и сл. Овој тип на институции ниту ги заштитувале сопственичките права, ниту пак ја ограничувале моќта на елитите, но на европските колонизатори им давале одврзани раце да ги екстрактираат и присвојуваат нивните природни богатства.

Ова покажува зошто овие земји и денес имаат слаби институции и низок доход по глава на жител. Сосема поинаква била колонијализаторската стратегија во слабо населените простори на Австралија, Канада, Нов Зеланд и САД. Во овие земји, Европејците едноставно ги пренесувале и имплементирале европските типови на институции кои уште на самиот почеток ги штителе сопственичките права, ги поттикнувале инвестициите и ја ограничувале моќта на елитите.

Овие земји денес се богати и располагаат со висок доход по глава на жител.
Вториот аргумент е поврзан со феноменот на движење на богатството во спротивен, во обратен правец (Reversal of fortune). Имено, додека на почетокот на 16 век општествата на Мугхалс во Индија, на Инките во Јужна Америка и др., биле најбогати на светот, денес тие се сиромашни земји. Обратно, во XVI век, Австралија, Северна Америка и Нов Зеланд биле сиромашни земји, а денес се земји со висок доход.

Се разбира, ова е добро аргументиран доказ дека за просперитетот се значајни институциите, а не географијата – бидејќи ваквиот ефект не би се случил доколку географијата е примарен фактор кој го одредува богатството на нациите. Примарното значење на институциите за просперитетот, наспроти значењето на географијата, лауреатите уште попластично го илустрираат и со приказната за поделениот град Негалес – еден дел од градот (Негалес – Аризона) е во САД, а другиот дел (Негалес – Сенора) во Мексико. Во делот од градот во САД постојат добри институции, владеење на правото, демократија и слободни избори, поради што луѓето се релативно добро ситуирани, водат бизниси без ризици поврзани со заштитата на сопственичките права, младите се образуваат и стекнуваат дипломи и сл.

Сосема обратна е состојбата во мексиканскиот дел на градот каде што постојат слаби институции, организиран криминал, коруптирни политичари, поради што економската перформанса и животниот стандард се на многу пониско рамниште. Поделениот град има исти географски карактеристики, иста клима и друго, но очевидно, разликата ја прават институциите. Врз основа на ваквите истражувања, Ачемоглу и Робинсон, во еден труд од 2008 година, заклучуваат дека институциите претставуваат „…фундаментална причина за разликите во економскиот раст и развој меѓу земјите и дека е можно да се развие кохерентна рамка за разбирање зошто и како институциите се разликуваат меѓу земјите, и како тие се менуваат“.

Од каде произлегува големото значење на институциите за економскиот раст?

Постојат многубројни аргументи што упатуваат на трансмисиониот механизам преку кој силните и ефикасни институции го испорачуваат поволното дејство врз динамиката и квалитетот на растот и развојот. Испитувањата на Ачемоглу, Џонсон и Робинсон за оваа проблематика можат да се сумираат на следниов начин: (1) силните институции осигуруваат добра заштита на сопственичките права и ги охрабруваат продуктивните инвестиции во машини, човечки капитал и технологии; (2) силните институции ги оневозможуваат моќните групи (политичките и бизнис-елитите) да го експроприраат доходот и да ги присвојуваат инвестициите на другите луѓе, со што на луѓето им овозможуваат еднакви можности за инвестирање во човечки капитал и активно учество во економскиот процес на земјата; (3) добрите и ефикасни институции ги ублажуваат т.н. домени на пазарен неуспех (market failure) – ја зауздуваат монополистичката моќ на претпријатијата (и на природните и на комерцијалните монополи), го засилуваат конкурентниот притисок во економијата и придонесуваат за порационално користење на ретките и ограничени ресурси, ги ублажуваат еколошките проблеми (загадувањето на животната средина) и нивното негативно влијание врз здравјето на луѓето, ги ублажуваат социјалните и политичките тензии што ги предизвикува нерамномерната и неправедна распределба на доходот итн.

Зошто институциите бавно се менуваат?

Еден од најзначајните придонеси на овогодишните лауреати е поврзан со нивното аргументирано објаснување зошто институциите бавно се менуваат. Тие истакнуваат дека институциите имаат силно влијание врз распределбата на доходот, не само помеѓу индивидуите туку и помеѓу различни социјални групи во општеството. Индивидуите и социјалните групи што стекнале привилегирани позиции во распределбата на доходот нема лесно да дозволат промена на постојните институции.
Да претпоставиме дека во една земја подолг период е на власт политичка партија и политичка елита со слаб демократски капацитет и дека таа успеала комплетно да ги партизира институциите. Додека е на власт, таа има и дејуре и дефакто политичка моќ и спречува реформи на институциите.

Ако партијата, во некои од наредните изборни циклуси ги изгуби изборите, таа дејуре ја изгубила политичката моќ. Но, тоа не мора да значи дека таа ја изгубила и својата дефакто политичка моќ. Напротив, ако за време на владеењето се создала економски силна елита, којашто дел од своето богатство го стекнала на нелегален начин, или можеби во симбиоза со политички елити, нејзината дефакто политичка моќ постои и понатаму и може да претставува сериозна пречка за спроведување на радикални институционални реформи.

Оттука, овогодишните лауреати изведуваат логичен заклучок според кој поврзаноста на институциите со економскиот раст и развој и со распределбата на плодовите од растот и на економската моќ, креира „централен механизам на перзистентност“ (Acemoglu and Robinson, 2008), што објаснува зошто институциите (и економските и политичките) бавно се менуваат.
Проблематика за којашто е доделена Нобеловата награда за економија за 2024 година, очевидно има висока релевантност и за нашата земја. Република Македонија, од осамостојувањето до денес не успеа да создаде квалитетни и ефикасни институции. Напротив, тие останаа слаби, високопартизирани и неефикасни. Отсуството на владеењето на правото и високата корупција е најмаркантна потврда за тоа.

Оттука, следењето и проучувањето на студиите за значењето на институциите (и економските и политичките) за просперитетот, што доаѓаат од Ачемоглу, Робинсон и Џонсон, но и од други проминентни автори од областа, претставуваат одлична и корисна лекција и за академската фела и за креаторите на политиките во нашата земја.

Текстот е сопственост на Слободен печат.мк

 

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Познатиот шпански режисер Алмодовар ја повика шпанската влада да ги прекине односите со Израел

August 28, 2025

Трамп: Џорџ Сорос и неговиот син треба да бидат обвинети за поддршка на насилните протести

August 27, 2025

Данска и Гренланд се извинија за присилната контрацепција на Инуитите

August 27, 2025

УНИЦЕФ: Ел Фашер во Северен Дарфур е „епицентар на детското страдање“

August 27, 2025

„СпејсИкс“ ја лансираше ракетата „Супер Хеви-Старшип“ на пробен лет

August 27, 2025
ФОКУС

Израелската војска уби новинари засолнети во болница во Газа

ВЕСТИ August 25, 2025

Најмалку 15 лица, вклучувајќи четворица новинари, беа убиени денес во израелските напади врз болницата „Насер“…

Кијив: Украина денеска ја одбележува својата независност

August 24, 2025

Украински напад со беспилотни летала врз Санкт Петербург

August 24, 2025

Пекинг: Кина е подготвена да испрати војници во Украина, но само под мандат на ОН

August 24, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.