Сараево: Синиша Каран, кандидат на владејачкиот „Сојуз на независните социјалдемократи“, обезбеди победа на предвремените претседателски избори во Република Српска, покажуваат првичните резултати на Централната изборна комисија во Сараево.
Според обработени речиси 93 проценти од избирачките места, Каран освои 200.116 гласови, што претставува 50,85 проценти од поддршката. Неговиот главен ривал, универзитетскиот професор по електроника Бранко Блануша од опозициската СДС, доби 188.010 гласови (47,8 проценти).
Каран важи за политичар близок до поранешниот претседател Милорад Додик, кој беше симнат од функцијата по одлука на Судот на Босна и Херцеговина поради активности оценети како сепаратистички. Токму неговото отстранување доведе до распишување на предвремените избори.
Иако важи за наследник на Додик во политичка смисла, Каран освои значително потесна разлика во однос на победата што Додик ја забележа во 2022 година, кога имааше предност од речиси 27.000 гласа над тогашната кандидатка Јелена Тривиќ.
Од околу 1,2 милиони регистрирани избирачи, на гласање излегле околу 35 проценти, што претставува значително помала излезност во споредба со 2022 година. Новиот претседател ќе ја извршува функцијата само една година, до редовните парламентарни и претседателски избори во 2026 година, па исходот се смета за важна најава за наредните политички процеси.
Политичките аналитичари сметаат дека Каран веројатно нема да ја продолжи жестоката реторика на Додик во однос на прашањата за статусот на ентитетот, иако Додик најави дека ќе остане лидер на СНСД, и покрај забраната да извршува јавни функции.
Бранко Блануша, кој ја загуби трката, го припиша поразот на „нерегуларности“ на одредени избирачки места и тврди дека без нив исходот можел да биде поинаков. СДС веќе поднесе барање за повторно гласање во три градови, но без да достави конкретни докази за наводните измами. објави Скопје1.мк

