Претседателот на Авганистан, Хамид Карзаи негираше дека парите што негови соработници ги примале од ЦИА се користени за подмитување локални „господари на војната“ за да ја поддржат неговата влада.
„Њујорк тајмс“, неделава објави дека ЦИА во изминатите десет години на Карзаи му дала десетици милиони долари.
Авганистанскиот претседател потврди дека Националниот совет за безбедност кој е дел од неговата администрација примал пари.
Тој вели дека станува збор за мали суми кои се користени за здравствена заштита и стипендии на млади.
„Тие пари не се давани на господари на војната. Поголем дел е потрошен на службеници во Владата, за лекување, за стипендии за млади и секогаш е давано на поединци, а не на движења“, изјави тој.
Според „Њујорк тајмс“, тие пари биле користени за подмитување вооружени локални лидери за да ја поддржат Владата на Карзаи и меѓународната коалиција пред повлекувањето на НАТО во идната година.
„Авганистанските господари на војната“ кои се бореа против советската окупација во 80-те години и против талибанското движење и сега имаат големо влијание, а многумина од нив се поврзани со Владата на Карзаи која дојде на власт по протерувањето на талибанците во 2001 година.