Шпанскиот Уставен суд вчера на вонредна седница го прифати барањето на Владата во Мадрид за оценување на уставноста на Законот за одржување гласање кое нема карактер на референдум, усвоен во каталонскиот парламент, и декретот за одржување референдум за независност на Каталонија на 9 ноември, со што автоматски е укинато нивното важење.
Страните во спорот сега имаат 15 дена на Судот да му ги претстават нивните аргументи.
Владата на Мариано Рахој претходно побара планираниот референдум за независност на Каталонија да се прогласи за неуставен.
Со прифаќање на жалбата, Уставниот суд го стави надвор од сила каталонскиот закон и декрет, имајќи предвид дека донесувањето на оценките би можело да трае неколку години.
Каталонската Влада, меѓутоа, веќе најави дека ќе продолжи со подготовките за одржување на необврзувачкиот референдум, дури и во случај на судска суспензија.