На Кипар владее неизвесност пред денешното гласање за помошта на ЕУ, затоа што во парламентот не е обезбедено сигурно мнозинство пред гласањето, јавува Дојче Веле. Веројатно најпроблематичен е еднократниот данок на банкарските депозити кај малите штедачи, односно граѓаните, кој предизвика најмногу револт.
Кипарскиот парламент попладнево е пред гласање за пакетот финансиска помош од меѓународните кредитори во висина од 10 милијарди евра а одобрен од еврозоната, а кој би значел спас од банкрот.
Претседателот на Кипар, Никос Анастасијадес синоќа во телевизиско обраќање излезе со апел до јавноста да го поддржат пакетот и да имаат разбирање за неопходноста од ваквиот спасувачки пакет.
Според него, Кипар се соочува со две опции: пропаст на домашниот банкарски систем проследен со нерегулиран државен банкрот или „сценариото на болен, но контролиран кризен менаџмент“.