Кирил Џајковски годинава ќе настапи на убедливо најголемиот отворен фестивал во Европа, полскиот Вудсток фестивал (Przystanek Woodstock). Овој настап на еден од најзначајните композитори, продуценти и диџеи на балканската електросцена ќе се одржи на 4 август, третиот ден од фестивалот кој привлекува повеќе од 750.000 посетители.
Со ваквиот капацитет, Вудсток фестивал е еден од најголемите фестивали во светот, кој има 18-годишна традиција и се одржува на локацијата на поранешната полско-германска граница, Костшин над Одра во Полска. Покрај тоа, овој фестивал се издвојува и по унукатниот организацискиот пристапи. Организатор на фестивалот е „Great Orchestra of Christmas Charity“, најголемата хуманитарна фондација во Полска, чија мисија е да обезбеди медицинска опрема за детските болници во Полска. За таа цел оваа хуманитарна организација успева да обезбеди дури 10 милиони евра во еден ден. Вудсток фестивалот е целосно некомерцијален, а годинава кон фестивалското мото, организаторот ја додаде и борбата за подобрување на условите за лекување на старите и изнемоштени лица.
Покрај настапот на Вудсток фестивал, во рамките на турнејата 2013, на 13ти јули Кирил ќе настапи и на годинашното издание на Похода – најголемиот музички фестивал во Словачка. Фестивал, годинава, ќе се одржи од 11 до 13 јули, а покрај Џајковски, во музичката програма веќе се потврдени настапите на легендарните „Ник Кејв енд д бед сидс“ (Nick Cave & The Bad Seeds), „Смешинг пампкинс“ (Smashing pumpkins), „Џастис“ (Justice), „Кајзер Чифс“ (Kaiser Chiefs) и многу други.