„Во потрага по загубеното време“ е насловот на книгата есеи специјално одбрани за македонското издание. Напишани се во последните петнаесетина години, а Борис Дежуловиќ ги има објавувано во речиси сите поголеми весници на поранешните југословенски простори.
Некои од текстовите смеат до солзи, други прават кнедла во грло, трети опоменуваат. Тие се всушност материјал за една алтернативна, политичка и емотивна историја на регионот. Насловот на збирката го следи стилот на неговите претходно објавени збирки во Хрватска, Србија и Словенија, направени според антологиски книжевни дела: „Злосторство и казна”, „Црвено и црно” и „Војна и мир”.
Книгата „Во потрага по загубеното време“ на македонски јазик ја издаде „Табахон“.