Најстрашното во оваа приказна не се оние што гласаа за злото, туку оние што решија ништо да не преземат за да го спречат, иако можеа. Повеќе од половина од народот, дури 51% — остана дома, со скрстени раце, со изговор дека „сите се исти“. Тие не се неутрални.
Но ова зло не дојде само. Го донесоа машините за измама, односно телевизиите и порталите кои за неколку милиони евра продадоа цел еден народ. Медиумите, наместо да ја бранат вистината, станаа најскапата фабрика за лаги што оваа земја некогаш ја видела.
Дејан Трајковски
Градот смрди. Не само од сметот што властите дозволија да се натрупа по улиците за да покажат политичка сила над градоначалничката, туку и од духовниот отпад што го остави зад себе дел од народот кој повторно избра да не мисли со својата глава. Ова не е случајна катастрофа, туку е резултат на избор, свесен или несвесен.
Граѓаните на Скопје, кои гледаа како се распаѓа нивниот град, сепак решија да ги наградат на избори токму оние што најмалку заслужуваат, оние што го претворија градот во депонија. Наместо да се запрашаат зошто нивните деца дишат гасови од распаднато ѓубре и ги касаат стаорци по улиците, тие одбраа да гласаат за „патриотите“ кои им го одзедоа секој облик на човечко достоинство.
Тоа не е само обична глупост, туку самоуништување. Тоа претставува целосен морален распад, кога човекот повеќе не прави разлика помеѓу вистината и лагата, меѓу доброто и злото, меѓу вистинскиот јавен интерес и медиумската фатаморгана.
Овие луѓе не се само изманипулирани, тие се соучесници и креатори не само на нашата, туку и на сопствената беда. Гласаа против себе, против своите деца, против иднината на сопствениот град. И сега, кога градот мириса на ѓубриште, нека знаат: тоа е мирисот на нивниот избор, претходен и сегашен.
Нема веќе никакво оправдување и разбирање. Не можат да кажат дека не знаеле, дека биле измамени. Знаеја. Видоа. Слушнаа. И сепак го избраа злото. Тоа не е наивност. Тоа е одговорност, а таа тежи колку сите скопски контејнери заедно.
Кога една нација се навикнува да живее потопена во смет и лаги, тогаш сметот станува симбол, одредница на нејзиното битие. Улиците ќе се исчистат, но ќе остане нечистотијата во совеста што не може да се исчисти со никаква метла и шмрк, дека моралот го продадоа луѓе заради слепа партиска послушност и празни ветувања.
Фабриките за лаги на власта
Но ова зло не дојде само. Го донесоа машините за измама, односно телевизиите и порталите кои за неколку милиони евра продадоа цел еден народ. Медиумите, наместо да ја бранат вистината, станаа најскапата фабрика за лаги што оваа земја некогаш ја видела. Додека градот се давеше во смет и нечистотија, тие емитуваа партиски химни, ексклузивни интервјуа со перјаниците од власта и режирани скандали за опозицијата. Сето тоа за да се сокрие очигледниот факт дека градот и државата се распаѓаат од нивните штеточински политики.
Овие медиуми не се гласници, се соучесници и егзекутори. Тие му ја држеа свеќата на ѓаволот додека го заведуваше населението. За пари, за реклами, за блискост со власта. Секоја лага што ја изговорија од екранот беше уште еден клинец во ковчегот на здравиот разум, уште една лопата врз гробот на јавниот морал.
И така, чекор по чекор, ја претворија масовната заблуда во патриотизам, а покорноста во храброст. Создадоа народ кој повеќе не гледа и не мисли, туку само слепо навива за партиски интереси. Народ кој само повторува пропаганда избљувана преку малите екрани, народ кој не бара подобро, туку само бара „да победат нашите“.
Но што вреди победата кога победникот владее над ѓубриште, кога улиците се депонија, децата се болни, а срцата и главите празни? Власта го запали тој скапо платен пропаганден оган, а луѓето, како заслепени мушички летаа кон него, мислејќи дека е светлина, а не пламен што ќе ги изгори.
Денес, кога гледаме дека истите тие што не’ излажаа повторно се смешкаат од екранот, кога ни зборуваат за „успех“ додека градот личи на гангренозна рана, треба да се запрашаме: до кога ќе дозволуваме да не’ прават безмозочни робови кои работат за нивните интереси?
Не ни треба револуција со транспаренти и пароли, туку внатрешна побуна на разумот. Конечно да престане ова колективно самозалажување. Да разбереме дека вистинскиот непријател не се другите партии што власта ги оцрнува, туку нашата сопствена неспособност да разликуваме вистина од лага.
Сè додека телевизорот е помоќен од совеста и разумот, а спинувањето поважно од фактите, ќе живееме во општество – ѓубриште. И тогаш, нема ни да ни пречат стаорците, зашто ќе се научиме сами да живееме како нив, наместо како достоинствени и мислечки луѓе.
Молкот што ни го донесе злото
Најстрашното во оваа приказна не се оние што гласаа за злото, туку оние што решија ништо да не преземат за да го спречат, иако можеа. Повеќе од половина од народот, дури 51% — остана дома, со скрстени раце, со изговор дека „сите се исти“. Тие не се неутрални. Тие се главната причина што победи злото.
Кога мнозинството одлучи да не одлучува, власта ја презеде малцинството, дваесетина проценти од целиот електорат — а сепак доволни за да ја запечатат судбината на сите нас. Така победува злото: не со сила, туку од молк.
Секој што не излезе да гласа, секој што ги поништи своите ливчиња во знак на некаков протест, во реалноста им подари власт токму на оние што најмалку ја заслужуваат. И токму поради нивната рамнодушност, денес гледаме како истите луѓе кои до вчера бездушно го силуваа градот, денес гордо да дефилираат како победници и да ни се смеат в лице.
Во вакви тешки времиња неутралноста не е доблест, туку соучесништво. Историјата секогаш ги казнува оние што мислат дека молкот ја мие совеста. Но не е така. Молкот е глас на стравот, на конформизмот, на опортунизмот, на бездушноста. Тие што не гласаа, ја издадоа својата иднина, а со тоа ја запечатија и иднината на сите нас.
Демократијата не пропаѓа кога гласаат погрешните, туку кога исправните се откажуваат да гласаат. И така, денес, цела земја ја плаќа цената на рамнодушноста на мнозинството. Тие што останаа дома, мислејќи дека со тоа си ја чистат совеста, всушност ни ги потпишаа сите неправди што ќе следат.
Злото не може вечно да владее, но може доволно долго да владее и да направи огромни штети, додека добрите луѓе спијат. Затоа денес, кога улиците се полни со ѓубре, а медиумите со лаги, не е време за жалење, туку за пресврт во свеста. Да не се повикуваме повеќе на изговори, да не зборуваме дека „ништо не зависи од нас“. Зависи, и тоа целосно. Бидејќи секое непополнето ливче е глас за продолжување на распадот, за трпење години на понижување.
Ако сакаме да живееме во град, а не во депонија, во нормална земја, а не во резерват на лагата, мора конечно да излеземе од зоната на комфорот и да го избереме она што е тешко, но исправно, а злото што не довело дотука да го испратиме на депонија. Зашто злото не е секогаш посилно, туку само овозможено од рамнодушноста.
Од Фејсбук ѕидот на авторот

