Среде економски кризи, иселување, пад на квалитетот на животот и неприфатливи погрешни политики, оваа идеја Македонија да заработува по човек претставува морална, политичка и државна деградација. Македонија не е камповски центар. Не е депонија за туѓи проблеми. Не е трговски производ. Ниту е држава што треба да го продава својот суверенитет за неколку илјади фунти.
Има една стара македонска политичка мудрост: Кога некој сака да те излаже, најпрво ќе те убеди дека некој друг те лажe. И така, секојпат кога ќе излезе непријатна информација, власта наоѓа нов „непријател“. Денес тоа се британските медиуми, утре ќе бидат белгиските, задутре германските сите „недобронамерни“, само нашите преговарачи „добронамерни“ и „заштитници на националниот интерес“.
Па така, кога Express објави дека Британија е подготвена да ѝ плаќа на Македонија до 20.000 фунти за секој мигрант кој ќе биде испратен во нашата земја, одговорот беше ист како и секогаш:
„Не е точно.“
„Медиумите лажат.“
„Не е така.“
„Ништо не е договорено.“
Добро, ако ништо не е договорено зошто британските медиуми имаат детали, бројки, финансиска рамка и модел на функционирање, а нашата влада има само деманти? Кој тука ја игра играта на дезинформации?
Две реалности, два света….
Во британската јавност, ова прашање се третира како сериозен државен проект дел од стратегијата на владата за управување со мигрантските потешкотии што траат со години. Таму, новинарите имаат пристап до информации, парламентарни извештаи, и јавноста точно знае што се подготвува.
Кај нас? Молк и „нема ништо“, сè додека не се покаже дека има, и тоа многу.
Се создава опасна слика:
Македонија станува прва европска земја која би прифатила туѓи мигранти во замена за пари.
И тоа не било какви мигранти туку луѓе кои Британија не може да ги врати во нивните земји. Што значи дека нивниот статус, ризици и иднина стануваат наша обврска. Наш товар. Наш проблем.
Од земја кандидат за ЕУ, до земја кандидат за мигрантски центар
Гледај ја паралелата:
ЕУ нуди милијарди евра неповратни фондови годишно со единствен услов: уставни измени и реформи.
Британија нуди 20.000 фунти по глава со единствен услов: да станеме пункт за нивните депортации.
Каде е тука развојот? Каде е тука напредокот? Како се вклопува ова во европските стандарди, интеграции, стабилност, безбедност?
Одговорот е едноставен: никако.
Ова не е европска политика.
Ова не е развој.
Ова е сурогат-државност, каде што државата станува услужен сервис за туѓи проблеми.
Кога власта се плаши од сопствените договори
Најголемиот проблем не е ни самата идеја, ни моделот, ни сумата.
Најголемиот проблем е што власта се плаши да признае што прави.
А кога некој се плаши од вистината, тогаш или работи нешто против интересот на граѓаните, или работи нешто за кое знае дека ќе биде жестоко осудено.
И тогаш, единствената тактика останува да се напаѓаат медиумите. Да се прогласат странските извори за лажни. Да се создаде магла.
Но маглата никогаш не ја скрила реалноста само ја одложила пресметката со неа.
Заклучок: Македонија не смее да стане „платен пункт“
Среде економски кризи, иселување, пад на квалитетот на животот и неприфатливи погрешни политики, оваа идеја Македонија да заработува по човек претставува морална, политичка и државна деградација.
Македонија не е камповски центар.
Не е депонија за туѓи проблеми.
Не е трговски производ.
Ниту е држава што треба да го продава својот суверенитет за неколку илјади фунти.
Кога Британија веќе знае што сака, редно е да знаеме и ние.
Ако некој мисли дека 20.000 фунти по глава се доволни да се стави цена на државата, тогаш проблемот не е во мигрантите, ни во британските медиуми проблемот е во тие што преговараат во наше име.
Од Фејсбук ѕидот на авторот





