Заев секако дека не слушнал за хистеријата предизвикана од наездата на комарци во Скопје, не чул ниту за потресните сведоштва за убодите, фотографиите кои се делат низ социјалните мрежи, не разбрал за гневот, бесот, ерупцијата на незадоволство предизвикана од бесшумните авиони на Шилегов.
За тие современи авиони луѓето мислат дека се фикција, непостоечки, голема лага и манипулација, теорија на заговор во која учествуваат американски авиони за заглупување на нациите, кои истураат всушност вакцини за претворање на цели држави во аутистични села, неспособни за трошка разум и кревања востанија заради крвавиот пир на комарците.
Во исто време, луѓето едноставно веруваат дека авионите во груевизмот, она Коцево време се потпирало стамено на старите, добри авиони , кои сметаат дека се единствено валидни, прифатливи, издржани за прскање, се додека бучат над нашите глави и ни ги тресат прозорците за да изрипаме зашеметени од постелите во 4 наутро, во 5 наутро, во 6 наутро, се додека постојат избезумени граѓани, ненаспани, нерасонети, на раб на нервен слом, се додека не се појави една раскрвавена жртва од чешање, се додека не стане целата ситуација апсурдна, гротескна, тотално луда, со примеси на национална трагедија.
Но, секако дека Заев ништо од ова не знае, а и кој да му објасни од целата таа заспана армија советници, службеници за односи со јавност, експерти за длабокоумни политики, кои во принцип, секогаш кога најмалку се надеваат, се главните виновници за пропаста на големите лидери, опкружени со војска на мали, ситни пиони, онаа најлоша врста на улизици, наведнати над оската на лидерот полтрони, кои служат само за да служат во климањето, во тупкањето, во неспособноста, накратко.
Кој е тој што може да му објасни на Заев дека феноменот на комарците е многу покрупен и подлабок, отколку самите омразени комарци, кои, секако дека не се истребуваат така лесно, во земја која е на раб на распаѓање сите овие децении, која само што не исчезнала, и тоа сепак не се случува, таков епилог сепак постојано се избегнува во последен момент, се додека еден дел од странците не ја држат на раменици, а останиот дел на странци уморно и разочарано продолжува да го собира и фрла ѓубрето расфрлано низ сите депонии во кои сме ја претвориле земјава.
Затоа, нема кој да го седне Заев и да му ја каже целата вистина- онаа за комарците. Дека тие, комарците, се многу повеќе од се тоа што тие претставуваат.
Комарците ни ја цицаат систематски крвта, затоа што тие се се што мразиме со сите власти.
Комарците се тендерите на политичарите, комарците се непотизмот, комарците се партиските книшки и вработувањата, комарците се џиповите на директорите кои ги возат ќерките во Грција, комарците се службените трошоци, комарците ни ја пијат секојдневно крвта и не цедат, исто онака како што може само една власт.
Со Груевски, станавме бескрвни, неупотребливи, парчосани од тие убоди. Затоа сега, со власта на Заев се изгледа подраматично, поболно, пофатално.
Комарците силно се приближуваат до една пресвртна точка од која нема враќање- референдумот. Од нив зависи се, затоа што тие во моментов ја држат целата земја во заложништво- тие, комарците, кои се се што замразивме во груевизмот, сега се закануваат дека се способни да го разбудат вампиризмот кој владееше цела деценија со Груевски.
Заев сега има само предност што станува збор само за наезда на ларви, кои многу лесно, многу подло и подмолно, можат да се претворат во вистински чудовишта, од кои потоа никогаш нема да може да се ослободиме. А се почна со еден мал, невин комарец.