Неколку милиони долари може да добијат среќниците кои ќе погодат кој ќе биде новиот папа. Како што пишува “Гласот на Америка” веќе неколку дена букмејкери од неколку земи преку интернет нудат обложување за тоа кој ќе биде новиот папа.
Според некои од нив, италијанскиот кардинал Анџело Скола има најголеми шанси да застане на чело на 1,2-те милијарди католици во светот. Страницата Педи пауер смета дека неговите шанси се 11:4. Кардиналот од Гана Петер Турксон исто така е близу врвот, заедно со колегите Одило Шерер од Бразил и Марк Улет од Канада.
Овој тренд не ја радува црквата, а во САД обложување на се она што претставува избори е забрането и со закон. Сепак, да се обложувате на фаворитите не значи и дека сигурно ќе добиете. Според агенцијата Религиски новински сервис, на претходните избори за папа кардиналот Јозеф Рацингер иако не бил помеѓу првите 10, сепак стана папа.