Утрово се одржа редовна работна средба помеѓу Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и директорот на македонската државна Комисија за односи со верските заедници г-дин Даријан Сотировски. На средбата беше споделена радоста од позитивниот развој на процесот на препознавање и прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридската архиепископија.
Во пресрет на долгоочекуваното сослужување на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија на 12 јуни во патријаршиското седиште во Фанар, се разгледаа досега преземените подготвителни активности, по што се заклучи дека се е спремно за големиот ден кога ќе се официјализира историската одлука на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј за прифаќање на нашата славна и древна Охридска архиепископија во литургиско и канонско единство.