Eкспертската комисија која треба да ги расчисти случувањата од 24 декември пред и во Собранието ќе ги разгледа сите снимки од собранието од клучниот ден, но ќе побара и мислења и додатни снимки од инволвираните партии, вели Борче Давитковски, претседател на Комисијата
„Дефинитивно сите методи ќе ги користиме, ќе земем стенограми, ќе ги користиме официјалните видео снимки од Собранието, но и видео снимките од политичките партии, тие сигурно ќе достават свое видување, затоа и им дадовме 4-5 дена, во вид на извештај да го дадат своето видување за настаните, па едноставно да ги споредиме. Во секој случај ќе земеме изјави од претседателот на Собранието, на раководителите на пратеничките групи, од новинари, шефови на обезбедување. Се’ она што е во функција да се утврди вистината, да се откријат фактите, сепак сме ние експертска комисија, ние мора да ги утврдиме фактите. Сето тоа ќе иде предмет на опсервација“, изјави Давитковски за македонските медиуми.
Сепак, ниту денеска не дојде до договор околу начинот на носење на одлуките. Дали со гласање, или пак ќе се бара консензус ќе се дискутира на следните состаноци.
Давитковски потврди и дека веќе од следната недела се очекува работата на Комисијата ќе ја набљудува и делегација од Брисел која би требало да даде свои сугестии.