Кошаркарите на ЦСКА Москва се нови шампиони на Евролигата. Рускиот гигант во финалето на Фајналфор турнирот во Виторија славеше над Анадолу Ефес со 91:83 (по четвртини: 29:20, 15:22, 24:20, 23:21) за осма континентална титула. Рекордер во натпреварувањето по бројот на освоени трофеи е Реал Мадрид со десет.
За московските „армејци“ ова беше прво евролигашко финале по 2016 година, а за Анадолу Ефес прво во историјата на клубот од Истанбул.
Вил Клајбурн и Кори Хигинс уфрлија по 20 поени за ЦСКА М. Нандо де Коло реализира 15. Најефикасен во финалето беше Американецот во дресот на Анадолу Ефес, Шејн Ларкин со 29 коша, Крунослав Симон постигна 15, Брајан Данстон 13, Василие Мициќ 10. Наградата за МВП на завршниот турнир ја доби Вил Клајбурн.
ЦСКА Москва во полуфиналето го елиминира бранителот на тронот, Реал Мадрид со 95:90 додека Анадолу Ефес беше подобар од Фенербахче со 92:73.
Третото место на турнирот го освои мадридски Реал по победата над Фенербахче со 94:75.
Евролига, Фајналфор
Финале
ЦСКА Москва – Анадолу Ефес 91:83
За трето место
Реал Мадрид – Фенербахче 94:75
Полуфинале
ЦСКА Москва – Реал Мадрид 95:90
Анадолу Ефес – Фенербахче 92:73