„Копипејст“ проекти, но и проекти преку кои апликантите се обиделе да го надмудрат системот не добија финансиска поддршка преку Годинашната програма за култура за проекти од национален интерес, рече ресорната министерка Ирена Стефоска. Таа укажа и на тоа дека голем дел од корисниците, но и од националните установи како апликанти имале неадекватна и нецелосна документација, но побарале и нереално високи суми.
За овој конкурсот пристигнале рекордни 6 352 апликации, од кои на повикот за национални установи – вкупно 1 814 пријави, а од другите корисници, во кои спаѓаат физички лица, здруженија и слично, пристигнале 4 538 апликации.
Исти луѓе аплицирале на повеќе проекти
Министерката укажа дека дел од апликантите се пријавувале со различни улоги во повеќе проекти, но таквата пракса, како што најави, годинава нема да помине.
„Мора да работиме на високата свест за заемна отчетност за трошењето на секој денар. Би сакала да ја истакнам ‘вештината’ на дел од корисниците кои од различни причини, понекогаш легитимни, понекогаш не, се извештиле низ годините како да го надмудруваат конкурсот. Па така, на разни начини се протнуваат низ ‘дупките’ во системот. На пример, еднаш се појавуваат како автори, другпат како уредници, третпат како консултанти, четврти пат како учесници на манифестација, петти пат како членови на жири-комисии, шести пат во групен проект. Едноставно кажано, исти лица си конкурираат сами на себе. И така, конкурсот ја изгубил смислата за натпревар. Неретки се и оние што аплицираат и со копипејст проекти, односно проекти кои во изминатите години веќе биле поддржани. Во еден ваков сложен и крајно проблематичен контекст, и комисиите и јас како министерка, зазедовме став за една суштинска позиција, да се обезбеди одговорна, транспарентна и праведна дистрибуција на парите на даночните обврзници за културата“, рече Стефоска.