Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, се радува што се покажале како неточни неговите тврдења дека се укинува Катедрата по македонски јазик и македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, иако само тој поверува во таква небулоза, а е прв човек на врвната научна институција.
„Се радувам што на Филолошкиот факултет не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и книжевност. Посакувам во идните реорганизации на Факултетот, рамо до рамо со различните отсеци, секогаш да бидат вклучени и отсеците за македонски јазик и јужнословенски јазици и за македонска книжевност и јужнословенска книжевност. Сите досегашни изјави и текстови поврзани со ова се мои лични изјави, со една единствена цел, заедно и достоинствено да ја прославиме годината на Блаже Конески“, изјави, за Канал 5 академик Коцарев.
Тој претходно ја разбранува јавноста, а посебно универзитетските кругови, со тврдењето за укинување на Катедрата по македонски јазик.Професорката на Филолошки факултет при УКИМ, Румена Бужаровска, ги искоментира како „брука“ изнесените тврдења во јавноста на претседателот на МАНУ.Група од 16-мина професори, магистри и доценти од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици упати отворено писмо во кое наведува дека станува збор за целосни невистини и манипулации.