Премиерот Димитар Ковачевски во својот настап по повод првите 100 дена од Владата истакна дека уште во првите 50 дена беа направени два историски чекори.
„Во првите три недели од работата на Владата го остваривме ветувањето за зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Директно го подобривме животниот стандард на граѓаните, на работниците. Околу 160.000 граѓани сега добиваат најмалку 18.000 денари“, нагласи тој и додаде дека Владата останува посветена на политиките за раст на просечната плата и со силен интензитет да ја помага економијата.
Во првите 100 дена, потенцира Ковачевски, Владата преку одговорна и посветена работа на сите чинители вклучени во економско-социјалниот дијалог обезбеди и континуиран раст на пензиите, а со тоа и на животниот стандард и квалитетот на живот на пензионерите.
„Со воведувањето на новата методологија од септември па натаму, пензионерите секој месец ќе имаат просечно по 900 денари плус на својата сметка. Обезбедивме и директна финансиска помош, по 1000 денари плус за 3 месеци, односно вкупно 3.000 денари, за речиси 330 илјади пензионери. Со сите преземени активности, во 2022 година, на годишно ниво, заедно со директната финансиска помош, во просек пензионерите ќе имаат околу 12.000 денари плус во домашниот буџет.
Сега имаме трајна и одржлива методологија која што нема да зависи од нечија политичка волја или од тоа дали ќе има избори. Имаме квалитетно решение со кое пензионерите ќе добиваат повисоки пензии.
– Во своето обраќање на тематската седница посветена на првите 100 дена од работењето на Владата, премиерот Ковачевски нагласи дека актуелниот владин состав подготвено се соочи и со енергетската криза и со одговорни и сеопфатни решенија обезбеди заштита за граѓаните од поскапувањата предизвикани од глобалната енергетска криза и со економската криза предизвикана од војната во Украина, која во најголем дел влијаеше на снабдувањето со основните прехранбени производи.
Ковачевски рече и дека Владата успешно се справи и со енергетската криза при што обезбеди заштита за граѓаните од поскапувањата предизвикани од глобалната енергетска криза.
„Проценетите субвенции за непречено снабдување со топлинска енергија на делови од градот Скопје се 2,9 милиони евра на месечно ниво, во периодот на грејната сезона, а месечната заштеда по домаќинство е 1.000 денари или вкупно по домаќинство 2.500 денари, само за Скопје за топлинска енергија“, истакна премиерот во неговото обраќање на тематската седница.
Ковачевски потенцираше дека за одговор на енергетската криза беа активирани сите домашни капацитети за производство на електрична енергија.
„Го намаливме ДДВ-то за струја од 18 на 5 отсто. Обезбедивме дополнителни 670 милиони денари за АД ЕСМ за производство на електрична енергија и вложување во проекти во обновливи извори на енергија“, рече Ковачевски.
Премиерот дополни дека Владата испорача и пакет антикризни мерки за дополнителна помош на граѓаните и компаниите. Вкупната вредност изнесува над 400 милиони евра, рече Ковачевски, а вкупното влијание на мерките е уште повисоко и достигнува речиси 615 милиони евра.
„Со овие антикризни мерки, сметките на граѓаните се помали за околу 4.000 денари месечно. Доколку не беа мерките како намалувањето на ДДВ-то од 5 на 0 отсто на основните прехранбени продукти, граѓаните ќе мораа месечно да плаќаат по 1.500 денари плус. Доколку не беше намалувањето на ДДВ-то на енергенсите на нафтата и нафтените деривати, само по тој основ, без намалување на акцизата, секој граѓанин на просечна потрошувачка пресметано ќе плаќаше 300 денари повеќе секој месец. Притоа, овде се вклучени само директните ефекти од мерката. Дополнително, со оглед на тоа што цените на енергенсите се значаен инпут во цените на речиси сите производи, намалување на нивната цена влијае позитивно врз цената на сите производи, што значи дека зборуваме за околу 750 денари заштеда вкупно по домаќинство“, нагласи Ковачевски во обраќањето на тематската седница 100 дена Влада.
Во оваа насока, посочи Ковачевски, е и мерката со која 35.000 наши најранливи сограѓани добија ваучери за основни производи за исхрана и тоа по 1.000 ден за 3 месеци, односно вкупно 3.000 денари.
Во своето резиме за првите 100 дена Ковачевски подвлече дека нашата држава е дел од проектот за изградба на терминал за течен природен гас во Александропули во Грција за складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.
Премиерот Ковачевски на тематската седница истакна и дека економските и финансиските показатели се добри со оглед на глобалната економска криза. „Денарот и покрај сите турбуленции е стабилен. Имаме поставени заштитни механизми во финансискиот систем, што овозможува негово непречено функционирање, а соодветното ниво на девизните резерви овозможува доволна девизна ликвидност на домашната економија“, нагласи тој.
Претседателот на Владата дополни дека пакетот антикризни мерки и операционализацијата на бескаматните кредити од Развојна банка во вредност од 5 милиони евра за три поволни кредитни линии за поддршка и развој на приватниот сектор, ќе обезбедат поддршка за стопанството и ликвидност на компаниите.
Премиерот на тематската седница по повод 100 дена Влада, дополни дека со измени и дополнувања на Законот за царинска тарифа со кој се намалени или укинати царинските стапки на 258 суровини и репроматеријали се овозможи намалување на трошоците за производство на компаниите, нивна поголема конкретност, проширување на производството и зголемување на бројот на вработени.
Ковачевски се осврна и на политиките на доброто владеење, транспарентноста и отчетноста за кои рече дека остануваат патоказ во сите сфери на работењето.
„Обезбедивме зголемена транспарентност и отчетност во трошењето на буџетските средства при јавните набавки. Институциите сега имаат рок од 30 дена, не само преку Електронскиот систем за јавни набавки, туку и на своите официјални веб страници да објавуваат информации за спроведените јавни набавки“ , потенцираше тој.
Премиерот зборуваше и за правосудството, односно успешното продолжување на реализацијата на дигитализацијата и конкретно ставањето во употреба на информатичко-компјутерската опрема во судниците на пет основни суда, како и за новите закони за изменување на платите на судиите, на членовите на Судскиот совет, на јавните обвинители и членовите на Советот на јавни обвинители.
Нагласувајќи дека развиени општини значат силна економија, Ковачевски се задржа на потпишаните договори за финансирање и кофинансирање на осум проекти во осум општини, преку проект „ЕУ за општините” во вредност од 5,5 милиони евра.
„Проектите, секој со просечна вредност од над 600.000 евра се однесуваат на подобрување на условите за заштита на животната средина, на зголемување на мобилноста, подобрување на социјалните услуги, воведување на е-услуги во општините, односно подобрувањето на локалните услуги од што најмногу корист треба да имаат граѓаните. Ја продолжуваме и Програмата за прекугранична соработка. Потпишани се договори за кофинансирање на 11 проекти со Албанија вредни шест милиони евра и 22 проекти со Грција за кои се обезбедени 7,6 милиони евра од ИПА“, подвлече Премиерот.
Премиерот рече дека се работи и на зголемување на домашното производство на основни суровини на храна и се обезбедени потребните количини од увоз. Тој истакна дека со Националниот план за производство на храна во вредност од 400 милиони денари e поддржано домашното производство на стратешките земјоделски производи. Како што информираше, издвоени се 250 милиони денари за Програмата за интервентен фонд за мерки за помош на земјоделците со кои се намалуваат производствените трошоци и се зголемува домашното производство на земјоделско-прехранбени производи.
Премиерот информираше и дека е објавен наменски оглас со кој речиси 6.000 хектари државно земјиште се ставаат на располагање на земјоделците за производство на стратешки култури: пченицата, пченката, јачменот и сончогледот, а променет е и моделот на исплата на државните субвенции во интерес на земјоделците преку авансна исплата. (Р.Н.)